Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕСОСОК) за периодот 2027–2029 година, со поддршка од 174 држави членки, што во дипломатските кругови се оценува како значаен исчекор и потврда за зголемената меѓународна доверба во земјата. Со ова членство, државата за првпат по независноста добива позиција во едно од шесте главни тела на ОН, кое има клучна улога во координацијата на глобалните економски и социјални политики, развојните стратегии и хуманитарните прашања.
Членството во ЕСОСОК се оценува како нова фаза во македонската надворешна политика, со директна можност земјата да учествува во креирањето на меѓународни политики во областите на одржлив развој, човекови права и социјална заштита, како и да го зголеми своето влијание и видливост на Македонија во системот на Обединетите нации.
Исто така, членството отвора простор за поактивно учество во глобалните дебати и зајакнување на позицијата на Македонија во мултилатералната дипломатија, надоврзувајќи се на претходните ангажмани во Советот за човекови права на ОН и во Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски смета дека изборот претставува резултат на долгорочна дипломатска активност и потврда за кредибилитетот на државата на меѓународната сцена.
– Ова е успех на македонската дипломатија, успех на доверба, континуирана работа и ангажман кој често се одвива надвор од очите на јавноста, но носи конкретни резултати – порача Муцунски, додавајќи дека поддршката од 174 држави е јасен сигнал за меѓународната доверба во Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека членството во ЕСОСОК претставува потврда за стратешката ориентација на државата кон поактивна улога на глобалната сцена.
– Нашата цел е Македонија да не стои на маргините, туку активно да учествува, да гради партнерства и да придонесува во решавањето глобални прашања – истакна Мицкоски.












