Нови екомашини и алатки за одржување ќе се користат за одржување на Градскиот парк во Кавадарци. Пред сè, за косење на тревата, кастрење на гранките, како и за други активности во паркот.

Тие се набавени од Јавното претпријатие „Комуналец“ – Кавадарци, за почиста животна средина и помалку бучава.

– Започнуваме со овие алатки што се на батерии. Целосно еколошки пристап кон работните ангажмани и работните активности во самиот градски парк, така што овој прекрасен парк што се наоѓа на територијата на град Кавадарци, целосно ќе добие и едно еколошко знаме. Ќе бидеме препознатливи и по екологијата. Оние алатки што претходно беа на бензин, загадуваа, беа премногу бучни. Сега ги заменуваме со нови, електрични алатки што се бесшумни – изјави Гоце Ангеловски, директор на „Комуналец“.

Тој информираше дека целосната посветеност кон зачувувањето на екологијата во паркот значи и забранет влез за возила, освен во случаи кога тоа е неопходно.

Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов, потсети дека станува збор за површина од 80.000 квадратни метри, од кои 65.000 квадратни метри се дрвја, додека 15.000 квадратни метри е трева.

Тој подвлече дека во изминатите осум години, прилично се вложило во овој парк. Потсети дека наредната година планираат во јавниот превоз да вклучат и три нови електрични автобуси. Ги спомена и најавената електрификација на такси возила, како и изградбата на неколку станици за полнење на електрични возила.

ИЗДВОЕНИ