среда, јули 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ако има неоправдано зголемување на маржите, Владата ќе преземе мерки

Ако има неоправдано зголемување на маржите, Владата ќе преземе мерки

8

Доколку анализите покажат дека кај одредени производи има неоправдано зголемување на трговските маржи, Владата најпрво ќе разговара со компаниите, а ако се утврди дека поскапувањето е без економска основа, ќе следуваат соодветни мерки. Ова го изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, повторувајќи го ставот што претходно го изнесе и премиерот.

По работниот состанок во Стопанската комора, Ристески рече дека во моментов се анализираат годишните податоци од Државниот пазарен инспекторат, по што Владата ќе одлучи дали има потреба од нови интервенции.

­– Онаму каде што ќе потврдиме дека има повисоки маржи – не секаде, бидејќи анализите покажуваат дека на некои места тие се и пониски – прво ќе разговараме со компаниите за да ги утврдиме причините за зголемувањето. Ако се покаже дека тоа не е оправдано, тогаш ќе преземеме мерки, било да се однесуваат на конкретни субјекти или да бидат пошироки“, изјави Ристески.

Тој нагласи дека Владата останува посветена на принципите на пазарната економија и дека не планира директно да интервенира со административно ограничување на цените, освен во случаи кога ќе се утврди нарушување на пазарната логика.

„Пазарот, преку понудата и побарувачката, најдобро ги регулира цените. Претходните практики со ограничување на цените имаа краткорочен ефект, но по нивното укинување цените повторно растеа, а товарот, на крајот, го плаќаа граѓаните. Затоа ќе реагираме само таму каде што ќе утврдиме неоправдано зголемување на цените или маржите и обиди за остварување екстра профити на грбот на граѓаните“, рече Ристески.

Според него, Министерството и Владата постојано ги следат движењата на пазарот и одржуваат редовна комуникација со стопанските комори, маркетите, трговците, производителите, набавувачите и увозниците.

Ристески оцени дека досегашните економски политики придонеле Македонија да има една од најниските стапки на инфлација во регионот, при што, како што рече, бил зачуван животниот стандард без да се предизвикаат сериозни последици врз приватниот сектор.

Тој призна дека граѓаните најмногу ја чувствуваат крајната цена на производите, но посочи дека економската состојба треба да се оценува врз основа на целокупните статистички показатели.

„Не тврдиме дека состојбата е идеална и не сме целосно задоволни од нивото на цените и инфлацијата. Сепак, мерките мора да бидат добро анализирани и балансирани, за истовремено да го заштитат животниот стандард на граѓаните и да не предизвикаат потреси во стопанството. Само таков пристап обезбедува стабилна економија и одржлив развој“, истакна Ристески.

ИЗДВОЕНИ