Додека граѓаните со години чекаат модерна, безбедна и функционална железница, државната ревизија при чешлањето на работењето на ЈП ЖРСМ Инфраструктура за 2024 година, открива поинаква слика во државното железничко претпријатие. Милиони евра се плаќале за неискористени кредити, договорите драстично поскапуваат, проектите се пролонгираат со години, а железничката инфраструктура е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална.

Ова е нотирано во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, при што е набележано дека за изградба, реконструкција и рехабилитација на железничката инфраструктура биле одобрени заеми од вкупно 191,4 милиони евра, од кои дури 44 % сè уште не биле повлечени. Но, и за неискористените пари државата плаќа! До крајот на 2024 година биле исплатени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени кредитни средства, а дополнително, само во 2024 година, уште 2,85 милиони евра за камати.

Ревизорите посочуваат дека особено загрижувачки е случајот со Коридорот 8. Договорот за првата делница Куманово–Бељаковце е зголемен за неверојатни 96 % во однос на првичната вредност, односно достигнал 39,7 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е пролонгиран за 8 години и 3 месеци. Како причини ревизијата ги наведува грешките во проектната документација, конструктивните и статичките недостатоци, несоодветните технички решенија, дополнителните работи и промените во проектот.

Втората делница, Бељаковце–Крива Паланка, исто така е пример за долгогодишни застои. Дури 18 години по запирањето на градбата и осум години по склучувањето на договорот за заем, во јули 2022 година бил склучен договор за изградба во вредност од 155 милиони евра, со рок за завршување до 23 октомври 2026 година.

Ревизијата открива и дека 33 % од материјалните средства во подготовка биле набавени пред 15 години, а воопшто не биле искористени. Станува збор за јавни пари вложени во материјали што со години стојат неискористени, со ризик од намалување на нивната употребна вредност.

Проблемите се сериозни и во евиденцијата на имотот. За земјиште во вредност од над 7,2 милијарди денари не биле обезбедени имотни листови, додека 91 % од градежните објекти, вредни над 12,7 милијарди денари, не биле евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти.

Финансиската состојба е уште еден аларм. Загубата на претпријатието за 2024 година изнесува 188,8 милиони денари, а вкупната акумулирана загуба достигнала речиси 4,73 милијарди денари.

Во претпријатието се систематизирани 1.314 работни места, но пополнети се само 718. Ревизијата утврдила дека 30 % од вработените не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование предвидени за работните места. Дополнително, кај дел од вработените распоредени со времени решенија не биле исполнети ниту условите утврдени со систематизацијата.

А резултатот од ваквото управување најдобро се гледа на терен. Државните ревизори констатираат застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничка инфраструктура. На дел од главните коридори 10, 10д и 8 возовите сообраќаат со намалени брзини поради бројни дефекти, застарени системи и опожарени прагови, додека на одредени делници железничкиот сообраќај е целосно запрен. Според ревизијата, повеќе од 40 години нема значајни инвестиции во железничката инфраструктура.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ