По реакциите на јавноста на социјалните мрежи, денеска е отстранет билбордот за „Добре дојдовте“во Скопје, кој беше монтиран во петокот вечерта, од страна на градската управа. До ова дојде по бројните реакции на граѓаните и на политичките партии поради изгледот на билбордот поради грешките на него.
Неофицијално, билбордот ќе се замени со нов на трошок на компанијата што го изработила ненамерно згрешеното визуелно решение, а корекцијата нема да биде на товар на граѓаните.
Највпечатлива аномалија беше коњот Букефал, кој имаше една вишок нога и стана главен предмет на шеги на социјалните мрежи. Воинот на коњ наместо со класичен антички шлем, беше прикажан со чудно ставена капа, која граѓаните ја опишаа како „капа на отомански бег“ или лик од евтин цртан филм. Камениот мост, пак, беше неприродно издолжен и му беа додадени најмалку четири лака повеќе од реалниот објект.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните медиуми, деновиве се пофали дека со билбордот, влезот на Скопје се разубавува, нагласувајќи дека тоа се прави „со љубов, внимание и посветеност, затоа што е важен секој детаљ кога градиме град со препознатливо лице и топла душа“.












