Трансферот на фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска, Крист Инао Улаи, од Трабзонспор во Фиорентина се претвори во вистинска мистерија откако тој тврди дека бил киднапиран веднаш по пристигнувањето во Истанбул.
Според информациите на турските медиуми, Улаи допатувал од Абиџан за да ги заврши последните формалности пред преселбата во Италија. На аеродромот требало да го пречекаат претставниците на Трабзонспор, но пред да пристигнат, му пришле непознати лица, кои се претставиле како клупски емисари. Верувајќи дека станува збор за официјална делегација, фудбалерот влегол во нивното возило. Според неговото сведочење, во текот на возењето тие почнале да вршат притисок врз него да се откаже од трансферот во Фиорентина, тврдејќи дека има подобри понуди од други клубови.
Во меѓувреме, кога не се појавил на договореното место и не одговорил на телефонските повици, во Трабзонспор настанала паника. Клубот ја известил полицијата и, по неколкучасовна потрага, тој бил пронајден и вратен на безбедно.
Но, тука приказната добива нов пресврт. Наместо безрезервно да му поверуваат, челниците на турскиот клуб се посомневале во неговата верзија на настаните. Според нив, постои можност целата приказна да била однапред режирана со цел да се одложи или да пропадне трансферот во Италија.
Турските медиуми наведуваат дека раководството на Трабзонспор дури му се заканило со правни мерки доколку се покаже дека намерно го довел клубот во заблуда.
Во моментов, фудбалерот е под постојан надзор на клупското обезбедување додека трае истрагата, а неговата иднина останува неизвесна. Италијанските медиуми внимателно ја следат ситуацијата, бидејќи сè уште не е познато дали овој необичен инцидент ќе го загрози трансферот во Фиорентина или, сепак, ќе биде реализиран договорот.











