вторник, септември 1, 2026
Дома СКОПСКА Тргна градскиот воз на линијата Зелениково – Железничка станица

Тргна градскиот воз на линијата Зелениково – Железничка станица

1

Од утринава, градскиот воз почна да сообраќа на првата од трите предвидени линии и тоа: Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче и Нова железничка станица Скопје.

Македонски железници – Инфраструктура за потребите на проектот „Градски воз” изврши целосна реконструкција на пругата за да го подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација.

Сообраќајот на линијата Зелениково-Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови според точно утврден ред од МЖ – Транспорт. 

Проектот „Градски воз” е идеја на оваа Влада со цел граѓаните на Скопје како од приградските места, така и од централниот дел да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен градски превоз.

Целта е периферните делови на Скопје да се поврзат со централното подрачје на Градот, што ќе значи поевтино патување, пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.

Особено значајно е што проектот „Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП и на тој начин се добива еден квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците.

Од Министерството за транспорт потенцираат дека во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија од Градски воз, односно едната од Нова железничка станица преку Бутел – Скопје-Север до Ѓорче Петров и другата од Нова железничка станица преку Автокоманда- Маџари до Илинден.

Официјалната промоција на проектот е најавена за утре, а се очекува да присуствуваат претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорoт на ЈП МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, директорот на  МЖ Транспорт Дејан Кошутиќ, потоа градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓеоргиевски, како и градоначалниците на оштините Зелениково, Коста Маневски, на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и на Аеродром, Дејан Митевски. Според предвиденото, присутните симболично ќе го означат проектот „Градски воз” со патување со воз од железничката станица Зелениково до Нова железничка станица Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ