вторник, септември 1, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Морбили во регионот, Македонија со само 62% опфат на вакцинација, далеку од...

Морбили во регионот, Македонија со само 62% опфат на вакцинација, далеку од потребниот, 95%

0

Морбилите, односно малите сипаници, се појавија во соседството, а зголемувањето на бројот на случаи во Косово и Бугарија го вклучи алармот кај здравствените власти. Во Македонија опфатот со МРП-вакцината е само 62 отсто, што е далеку под потребните 95 отсто за да се обезбеди колективен имунитет. Министерот за здравство Клековски упати апел до родителите навреме да ги вакцинираат своите деца.

„Сакам да упатам апел до сите граѓани на Македонија да поревносно пристапат кон вакцинација од морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 отсто, од Институтот за јавно здравје го кажуваат тоа. Ова го кажувам затоа што во моментот расте бројот на случаи од морбили во Косово и во Бугарија“, рече Клековски.

Според вакциналниот календар, првата доза од МРП-вакцината, која штити од мали сипаници, заразни заушки и рубеола, треба да ја примат сите деца на возраст од 12 месеци. Иако МРП-вакцината е задолжителна, опфатот е далеку од потребното ниво. Кај ревакцинацијата состојбата е нешто подобра и достигнува 85 отсто, но и овој процент не е доволен за создавање колективен имунитет. Нискиот опфат не е проблем само кај МРП-вакцината. Податоците на ИЈЗ покажуваат дека Македонија не го достигнува посакуваниот опфат од 95 отсто ниту кај повеќето други вакцини од редовниот календар.

Кај хепатитис Б опфатот е 77 отсто, кај хемофилус инфлуенца тип Б 78 отсто, додека кај дифтерија, тетанус и пертусис, како и кај полиомиелитис, изнесува по 79 отсто. Особено низок е опфатот со ХПВ-вакцината, кој изнесува 51 отсто. Кај новите вакцини, опфатот со ротавирусната вакцина е 64 отсто, а со пневмококната 80 отсто.

Здравствените власти предупредуваат дека подобрата покриеност кај ревакцинацијата не е доволна доколку првата доза не ја примаат доволен број деца. За спречување на ширење на заразните болести и за заштита на оние кои не можат да бидат вакцинирани, потребен е опфат од најмалку 95 отсто. Со појавата на нови случаи на морбили во соседството, нискиот вакцинален опфат претставува дополнителен ризик за појава и ширење на болеста и во земјава. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ