Мегаскандал го тресе женскиот фудбал во Чешка откако е осуден тренерот Петр Влаховски за тајно снимање на своите фудбалерки.

Според „Атлетик“, Влаховски (42), кој четири години го водеше ФК Словачко, снимил најмалку 15 фудбалерки додека се пресоблекувале и туширале. Контроверзните настани се случиле меѓу 2019 и 2023 година, а меѓу жртвите била и 17-годишна фудбалерка.

Како што пишуваат тамошните медиуми, тој користел скриена камера инсталирана во ранец за дискретно да ја снима соблекувалната. Случајот бил откриен дури во 2023 година, што предизвикало шок и неверица кај членките.

Поранешната клупска членка, Кристина Јанку, го опиша моментот кога станала снимката достапна.

  • Никогаш не помисливме дека може да се случи нешто вакво. Кога ја гледав снимката, сфатив дека точно знаел што прави. Не било случајно. Тој беше професионалец во фудбалот, но и во ова – рече Јанку.

Таа, исто така, ги откри последиците од овој случај врз фудбалерките. Едни повраќаа, други го напуштија клубот, а трети мораа да побараат психолошка помош.

Траумата што ја претрпеа остави длабока трага, па многу беа принудени да побараат стручна помош. Како надоместок, фудбалерките добија по околу 1.000 евра, што дополнително предизвика незадоволство.

Во мај 2025 година, судот донесе пресуда со која беше осуден Влаховски на условна казна затвор од една година. Покрај тоа, му беше забрането да работи како фудбалски тренер пет години, но само во Чешка. Тој беше прогласен за виновен и за поседување материјал поврзан со детска порнографија. Овој епилог на случајот предизвика бројни реакции и поттикна прашања за заштитата на спортистките.

Јасно е дека овој скандал ќе има долгорочни последици врз угледот на женскиот фудбал во земјата.

ИЗДВОЕНИ