Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека САД го контролираат Ормускиот теснец и дека го пребарале овој стратешки важен воден пат за ирански мини.
„Видете, единствената страна што го контролира Ормускиот теснец во моментов е американската морнарица. Го пребаравме целиот теснец за мини“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба на Белата куќа, објави „Ројтерс“.
Тој рече дека САД сè уште имаат можност да го ескалираат конфликтот. Трамп, исто така, рече дека САД ќе бараат отштета од Иран за штетата што ја предизвикал.
Американскиот претседател, реагирајќи претходно денес на барањето на Иран за отштета за штетата што ја претрпел за време на конфликтот со САД и Израел, изјави дека Техеран мора да плати отштета за „сите луѓе што ги убиле и сериозно ги повредиле“.
Иран постојано наведува низа услови што САД мора да ги исполнат за да може Ормускиот теснец повторно да се отвори за поморски сообраќај, вклучително и укинување на санкциите и поморска блокада.
Техеран побара САД да ги повлечат американските сили од регионот, да платат воени репарации и да ги ослободат замрзнатите ирански средства, објави „Танјуг“. Исто така, побара Вашингтон да престане со нападите врз иранските сојузници во регионот и да престане да му се заканува на Иран.












