Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека инцидент како пукањето во хотелот Хилтон во Вашингтон никогаш немаше да се случи во балската сала во Белата куќа, која тој ја гради и покрај јавните критики.
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Трут соушал“ (Truth Social) дека нешто такво никогаш немаше да се случи во балската сала, која ќе има највисоко ниво на воена класификација.
„Она што се случи од синоќа е токму причината зошто нашата голема војска, тајна служба, полициски сили и, од различни причини, секој претседател во последните 150 години бараше да се изгради голема и безбедна балска сала на имотот на Белата куќа“, рече тој.
Тој додаде дека балската сала во Белата куќа „не може да се изгради доволно брзо“.
„Покрај тоа што е убава, оваа балска сала ги има сите карактеристики на највисоко ниво на безбедност и над неа нема простории каде што живеат небезбедни лица и се наоѓа во најбезбедната зграда во светот, Белата куќа“, напиша Трамп.
Тој рече дека ништо не треба да се меша во изградбата на балската сала, која е финансирана од буџетот и „се движи пред предвидениот рок“.
Вршителот на должноста државен обвинител на САД, Тод Бланч, претходно денес изјави дека службениците за спроведување на законот веруваат дека осомничениот за пукањето во хотелот каде што се одржувала вечерата на дописниците од Белата куќа имал намера да пука во службеници во администрацијата на претседателот Доналд Трамп, вклучувајќи го и самиот Трамп.
На годишната вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, на која присуствуваше и американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во хотелот Хилтон во Вашингтон, вооружен човек идентификуван како Кол Томас Ален (31) испукал повеќе истрели, по што сите присутни биле евакуирани, јавува „Танјуг“.












