петок, октомври 2, 2026
Дома СВЕТ Трамп нема да ја добие Нобеловата награда за мир, но може да...

Трамп нема да ја добие Нобеловата награда за мир, но може да влијае кој ќе ја добие

25
EPA/MIKE NELSON

Минатогодишните настани околу Нобеловата награда за мир, фактот дека Марија Корина Мачадо му ја даде наградата на Трамп, ќе влијае на некој дел од одлучувањето на Комитетот. Тие настани би можеле да имаат спротивен ефект врз него – да го наведат да се определи за безбеден, неконтроверзен избор, кој има најмала веројатност да го предизвика антагонизмот на Трамп, кој ја обвини Норвешка, каде што се одлучува за наградата, за тоа што не ја доби минатата година

Претседателот на САД, Доналд Трамп, очигледно, нема да ја добие Нобеловата награда за мир оваа година додека води војна со Иран, но телото што ќе го избере победникот, сепак ќе го почувствува неговото влијание, велат експертите.
Минатогодишната добитничка, Венецуелката Марија Корина Мачадо, е единствена во 125-годишната историја на доделување на наградата, која беше избрана поради постојаното лобирање на Трамп за да ја добие наградата, а која неколку недели подоцна му ја предаде во обид да ја добие неговата поддршка за нејзината борба за демократска Венецуела, пишува „Ројтерс“.

– Оваа година, петчленото тело што ја доделува наградата ќе внимава да избере некој што ќе може да одолее на притисокот на Трамп. Мислам дека минатогодишните настани околу Нобеловата награда за мир, фактот дека Марија Корина Мачадо му ја даде наградата на Трамп, ќе влијае на некој дел од нивното одлучување, вели за „Ројтерс“ Хакон Ѓерлу, вршител на должноста директор на Институтот за истражување на мирот во Осло.

Тој додава дека грижата што може да ја имаат членовите на комитетот е дали ја доделуваат наградата на некој што би можел да ги стави под притисок од Трамп. Ѓерлу смета дека комитетот ќе разгледа дали наградата прави повеќе штета отколку корист. Според експертите, тоа на пример, би било ако наградата му се додели на папата Лав XIV, на Меѓународниот суд на правдата или на Франческа Албанезе, специјалниот известувач на ОН за окупираните палестински територии.

Добитникот на наградата ќе биде објавен на 9 октомври. Папата Лав, првиот папа роден во САД, рече дека ќе продолжи да зборува против војната, а Трамп го нарече „слаб“ затоа што го критикуваше конфликтот на САД со Иран. Од друга страна, говорот на папата за вештачката интелигенција, неговото застапување за дијалог и мирно решавање на конфликтите, повиците за почитување на мигрантите и неговата хуманитарна работа би можеле да бидат закрепнување за тоа тој да ја добие наградата. САД и Израел ја напаѓаат Франческа Албанезе поради нејзините критики за однесувањето на Израел во војната против Хамас во Газа и окупацијата на Западниот Брег.

Минатогодишните настани би можеле да имаат спротивен ефект врз комитетот – да го наведат да се определи за безбеден, неконтроверзен избор, кој има најмала веројатност да го предизвика антагонизмот на Трамп, кој ја обвини Норвешка, каде што се одлучува за наградата, за тоа што нему не му се додели. Ова би можело да значи да се признае суданската мрежа на групи кои обезбедуваат помош за време на граѓанската војна, или невладините групи како „Спасете ги децата“ за помагање на децата во конфликти, посочуваат експертите.

– Но, исто така, се гледа и на тоа дали комитетот ќе одговори на предизвиците на Трамп кон меѓународниот поредок, кој му е толку важен. Тие имаат одреден притисок да бидат цврсти против Трамп. Во оваа сериозна меѓународна ситуација, оваа година бара награда за мир која ќе ги брани либералната демократија, меѓународното право и човековите права, рече Ејвинд Стенерсен, историчар кој пишувал за Нобеловата награда за мир.

Ова би значело давање признание на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во време кога Вашингтон подготвува санкции против тој трибунал, велат изворите на „Ројтерс“, додека доделувањето на наградата на Меѓународниот суд на правдата би го поддржало суверенитетот на националните држави и мирното решавање на конфликтите.
Ѓорлу вели дека Трамп е номиниран за наградата неколкупати од лидерите на Камбоџа, Израел и Пакистан, но шансите да ја добие се доста мали.

Притисокот на Трамп врз норвешкиот Нобелов комитет вчудовиди многумина, вклучувајќи ја и добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Реса, филипинско-американска новинарка, која рече дека настаните минатата година ги гледала со „ужас“.

– Силеџиите не владеат со светот. Постојат стандарди според кои живееме. Силата не ги прави работите исправни, изјави таа за „Ројтерс“ во септември, за време на посетата на Осло.

ИЗДВОЕНИ