Трамп: Испраќаме писма за царини до сите земји

12

Соединетите Американски Држави испраќаат писма до своите трговски партнери за нови договори и царини почнувајќи од денеска, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Во април, Трамп воведе основни царини од 10 % за увоз од речиси сите трговски партнери, по што следуваше бран повисоки, таканаречени реципрочни тарифи за одделни земји, врз основа на трговскиот дефицити.

Потоа ги стави реципрочните царини на пауза, за повеќето трговски партнери за 90 дена, што истекува на 9 јули. Писма за царини или договори ќе бидат доставени до „различни земји низ целиот свет“ почнувајќи од пладне в понеделник (18:00 часот по средноевропско време), напиша Трамп на „Truth Social“.

Дополнителни тарифи од 10 % ќе бидат наметнати на „секоја земја што се согласува со антиамериканските политики на БРИКС“, додаде тој во друга објава. Акронимот БРИКС е скратеница за првите пет членки: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Иран, Египет, Етиопија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се приклучија на почетокот од 2024 година, по што следуваше Индонезија во 2025 година.

Трамп рече дека верува оти САД ќе „завршат со повеќето земји до 9 јули, или со писмо или со договор“.

Неговиот министер за трговија, Хауард Лутник, потоа појасни дека новите царини ќе стапат во сила на 1 август.

– Царините стапуваат во сила на 1 август, но претседателот ги одредува стапките и договорите токму сега.

Една од првичните цели на царинскиот пакет на Трамп беше да ги принуди другите земји да ги намалат трговските бариери за увоз од Соединетите Американски Држави.

ИЗДВОЕНИ