Траект со 116 патници и членови на екипажот се преврте во близина на брегот на Гвајана, а во тек е голема операција за пребарување и спасување.
Станува збор за траектот „МВ Барима“ (MV Barima), кој пловел од главниот град Џорџтаун кон Порт Каитума, во северозападниот дел на земјата. Бродот се превртел во саботата навечер по локално време, во близина на Ајрон Поинт (Iron Point) на реката Померун.
Спасени се 67 лица
Надлежните претходно соопштија дека се спасени 53 лица, но агенцијата „Асошиејтед прес“ известува дека досега се спасени 67 лица, меѓу кои и 15 деца. Потрагата продолжува.
Владиниот одговор го предводи премиерот Марк Филипс, додека министерот за јавни работи, Хуан Еџхил, соопшти дека во потрагата се вклучени надлежните служби и приватни пловни објекти.
Бродот располагал со појаси за спасување и сплавови
Според информациите објавени од надлежните, фериботот бил опремен со 250 појаси за спасување, два цврсти сплава и шест сплавови на надувување.
Засега нема официјална потврда за жртви. Не е познато што предизвикало превртување на фериботот.
Според податоците на „Веселфајндер“ (VesselFinder), „МВ Барима“ е долг околу 40 метри и е изграден во 1939 година.












