Милиони луѓе низ Европа се подготвуваат за уште еден топлотен бран и уште еден период на екстремно високи температури. Во Франција, Италија и Шпанија, се очекува околу 92 милиони луѓе да се соочат со температури над 35 степени Целзиусови.
Новиот топлотен бран доаѓа откако Западна Европа ги забележа најтоплите јуни и јули досега, соопшти претходно Службата за климатски промени „Коперник“ (C3S) на Европската унија.
Според податоците на „Коперник“, температурите во Европа растат околу двојно побрзо отколку на другите континенти.
Метеоролозите очекуваат температурите да се искачат до 37 степени денеска, додека во петок би можеле да достигнат и до 39 степени Целзиусови во поголемиот дел од западна и јужна Германија.
Ова е трет силен топлотен бран што го доживеа Германија ова лето.
Продолжените високи температури, исто така, предизвикаа пад на нивото на реката Рајна на рекордно ниски нивоа во некои области. Рајна е еден од најважните водни патишта во Европа за транспорт на жито, минерали, гориво и други стоки.
Сушата, исто така, сериозно влијае на животната средина и економијата на Германија, додека компаниите што зависат од речен транспорт се соочуваат со проблеми со снабдувањето.
Екстремно високи температури, над 35 степени Целзиусови, се прогнозираат и во Франција, Шпанија и Италија.
Новиот топлотен бран доаѓа само неколку недели откако Франција и Шпанија се соочија со некои од најлошите шумски пожари во нивната историја.
Во Шпанија, каде што неколку пожари се уште се активни, националната метеоролошка агенција AEMET предупредува на температури над 35 степени Целзиусови.
Во Македонија пак, денеска и во петок наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со силен ветер и услови за појава на град. Температурата ќе опадне за неколку степени. Во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно, а дневната температурата ќе биде во пораст.












