Повеќе лица вчера попладнето биле повикани на информативен разговор во полициска станица поради објави на социјалните мрежи во кои се тврди дека водата во Скопје не е безбедна за пиење и дека во неа е пронајдена бактеријата ешерихија коли.
Според информациите, меѓу повиканите се и две жени кои ги споделувале ваквите информации на социјалните мрежи. Од нив било побарано да објаснат од каде ја добиле информацијата за наводното присуство на ешерихија коли и поради што ја објавиле.
Дека повеќе лица се повикани на разговор претходно потврди и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за „Сител“.
„Како што сум информиран, Министерството за внатрешни работи има повикано повеќе лица на информативен разговор и, според мене, мора да има одговорност за ова што се случува. Не може туку така да споделувате ваков тип информации и да ширите масовна хистерија и паника кај граѓаните“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека, според неговите информации, зад ширењето на ваквите тврдења стои најголемата опозициска партија, обвинувајќи ја дека подолг период создава „хистерија“ кај граѓаните.
Случајот следува откако на социјалните мрежи масовно се проширија тврдења дека водата во Скопје е бактериолошки загадена, што предизвика вознемиреност кај дел од граѓаните.
Надлежните институции треба да утврдат од каде потекнала информацијата и дали за нејзиното ширење постои основа.
Скопскиот градоначалник со „чешмовача“ покажа дека водата е за пиење












