Патрик Муратоглу, во интервју за францускиот „Еуроспорт“, кажа дека белиот спорт може да се соочи со сериозни проблеми до средината на овој век. Иако никогаш не бил професионален играч, Муратоглу е сопственик на престижна академија недалеку од Ница и бил тренер на големи ѕвезди како Серена Вилијамс, Наоми Осака, Холгер Руне… Тој е и основач на експерименталниот турнир УТС, кој се одржува оваа недела, во Ним, со учесници како Григор Димитров, Данил Медведев, Каспер Руд… Тој предупредува дека не е доволна сегашната популарност на тенисот за да ја гарантира неговата иднина.

  • Тенисот е многу популарен спорт, но неговите гледачи се претежно постари. Мојата генерација се вљуби во оваа игра во 70-тите и 80-тите години. Затоа има спонзори и ТВ-права. Сè е добро во овој сегмент, но кога луѓето што сега имаат 20-30 години ќе ги достигнат тие зрели години, базата на навивачи многу ќе се намали. Нема да има повеќе тенис. Убаво е да се зачува традицијата, но мора да размислуваме и за иднината. АТП и гренд слем турнирите живеат во сегашниот момент, тие го прават тоа многу добро бидејќи тенисот сега е многу профитабилен, но никој не размислува за тоа што ќе донесе времето – рече францускиот стручњак.

Тој додава дека без промени, спортот, можеби, нема да опстане до 2050 година.

  • Навистина не разбирам како ќе опстане тенисот до 2050 или 2055 година, не гледам начин да се направи тоа. Секој спорт е профитабилен сè додека има гледачи. Ако нема широка база на навивачи, нема да има ниту спонзори. Ако е точно истражувањето дека луѓето под 30 години не гледаат такви натпревари, тенисот е во опасност отсега и во следните 30 години.

Муратоглу, исто така, го нагласи и проблемот со застарените правила.

  • Тенисот постои од 1900 година, а неговите правила воопшто не се променети. Единственото нешто што се промени е начинот на броење, бидејќи во 1971 година беше воведен тај-брејк во сите сетови, освен во петтиот, а неодамна и тоа беше променето. Сега начинот на гледање е целосно променет. Социјалните мрежи, платформите за стриминг, видеоигрите… сето ова го промени начинот на живот. Дури и помладите играчи велат дека не гледаат цели натпревари, бидејќи се предолги, туку само најважните делови. Едноставно, тенискиот производ повеќе не е соодветен. Можеби е за мене и мојата генерација, но не и за младите луѓе.

ИЗДВОЕНИ