четврток, јули 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Текстилното училиште во Тетово ќе има нов објект

Текстилното училиште во Тетово ќе има нов објект

32

Средното текстилно училиште во Тетово следната учебна година ќе добие нов објект. Првата фаза од градежните работи на објектот е веќе завршена. Доколку не се појави некоја пречка, според градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, објектот ќе биде завршен за пет или шест месеци.

– На средното текстилно училиште се работи, се гради во рамките на предвидената динамика, врз основа на договорот. Се надеваме, доколку нема некоја вонредна ситуација, тоа да биде готово до крајот на годината – нагласи Касами.

Директорот на училиштето, Музафер Ливорека, очекува да ја започнат учебната 2026/2027 година во новиот објект, бидејќи во моментов наставата ја реализираат во основното училиште „Беса“ во Мала Речица.

– Заврши првата фаза од изградбата. Сега треба да започне втората фаза. Верувам дека за четири месеци, евентуално најмногу пет, ќе заврши и втората фаза. И верувам дека учениците во новата учебна 2026/2027 година ќе бидат сместени во новото училиште. Знаејќи дека ние сме во основно училиште, односно во „Беса“, иако условите се добри, сепак верувам дека новиот објект ќе биде готов – вели Ливорека.

За изградба на ова училиште, Општината обезбеди средства од унгарскиот кредит, во вкупна вредност од 5 милиони евра или 308 милиони денари.

За првата фаза се обезбедени 148,5 милиони денари од средствата на Владата за капитални инвестиции за општините, додека 2,2 милиони денари се издвоени од буџетот на Општина Тетово.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ