четврток, јули 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Патеката кон Корапскиот Водопад е небезбедна за движење, сè уште има снег

Патеката кон Корапскиот Водопад е небезбедна за движење, сè уште има снег

– И покрај пролетниот период, теренот е сè уште покриен со снег и со зимски наноси, што создава сериозен ризик од лизгање, повреди и несреќи. Сите посети и организирани тури кон оваа дестинација да бидат одложени најмалку до 15 јуни 2026 година, односно до стабилизирање на условите на терен – препорачуваат од НП „Маврово“

47

Во време кога природата повторно ги отвора своите патеки за љубителите на планината, националниот парк „Наврово“ потсетува дека убавината на високогорските предели секогаш оди рака под рака со одговорноста.

Притоа, оттаму информираат дека патеката кон Корапскиот Водопад и понатаму останува небезбедна за движење.

– И покрај пролетниот период, теренот е сè уште покриен со снег и со зимски наноси, што создава сериозен ризик од лизгање, повреди и несреќи. Сите посети и организирани тури кон оваа дестинација да бидат одложени најмалку до 15 јуни 2026 година, односно до стабилизирање на условите на терен – препорачуваат од НП „Маврово“.

Оттаму додаваат дека овој апел не претставува ограничување на љубовта кон планината, туку потсетник дека вистинската планинарска култура започнува со почитување на природата и на нејзините правила.

– Неодамнешната спасувачка акција на оваа патека уште еднаш потврди дека планината не проштава потценување и импровизација. Планината не е простор што треба да се „освои“, туку место каде што треба човекот да пристапи со зрелост, подготовка и со свест за сопствената безбедност. Најголемиот успех на секоја тура не е фотографијата од врвот или водопадот, туку сигурното враќање дома – потенцираат од националниот парк, нагласувајќи дека нивните служби ќе останат постојано присутни на терен и будно ќе ја следат состојбата.

– Јавноста ќе биде навремено информирана кога патеката повторно ќе биде безбедна и подготвена за посетители – наведуваат од НП „Маврово“, порачувајќи дека треба да бидеме одговорни кон себе, кон другите и кон природата што ни е доверена.

Имено, со навремена и успешно организирана акција, деновиве беше извршено безбедно извлекување на повреден планинар од пределот кон Корапскиот Водопад, едно од најпредизвикувачките и најнепристапни подрачја во рамките на националниот парк.

Од НП „Маврово“ нагласуваат дека акцијата претставува потврда за посветеноста, одговорноста и за пожртвуваноста на службите, кои секојдневно се грижат за безбедноста на посетителите и за заштитата на просторот на паркот.

ИЗДВОЕНИ