петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Таткото не му дозволувал да вози без дозвола, тврдат сведоци во случајот...

Таткото не му дозволувал да вози без дозвола, тврдат сведоци во случајот „Јованов“

496

Во Кривичниот суд продолжи судењето за таткото на Васил Јованов. Сите четворицата сведоци на одбраната, кои беа сослушани денеска, тврдеа дека Зоран Јованов, никогаш „немал дадено, ниту одобрено“ и бил „секогаш категорично против тоа Васил да управува возило додека не положи возачки испит“.

Мајката на Васил Јованов, Ана Јованова, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје изјави дека нејзиниот сопруг Зоран Јованов никогаш не му дозволил на нивниот син да управува возило без положен возачки испит.

Таа посочи дека Васил покажал интерес да вози дури откако го положил теоретскиот дел, но паднал на практичниот, по што побарал да вежба со семејното возило. Според неа, таткото бил категорично против и инсистирал обуката да продолжи исклучиво со инструктор.

Јованова нагласи дека поради страв да не го земе автомобилот, клучевите ги криеле, а управувањето со нив било под нејзина контрола.

Зоран Јованов е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, по несреќата во која неговиот син, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја усмрти пешачката Фросина Кулакова.

Сведоците на одбраната, меѓу кои пријател и членови на поширокото семејство, тврдеа дека обвинетиот бил принципиелен и никогаш не дозволувал Васил да вози без дозвола.

Тие изјавија дека во повеќе наврати присуствувале кога Васил барал да го вози автомобилот, но секогаш бил одбиван од таткото.

Судењето продолжува на 28 април со сослушување на нови сведоци, додека во мај е најавено сведочење и на Васил Јованов, кој веќе е осуден на 13 години затвор за сообраќајката од јануари 2025 година.

ИЗДВОЕНИ