– Учеството со националниот павилјон и со толку бројна делегација е силна потврда за креативниот потенцијал што го има Македонија. Нашата цел е преку програмата, експо-претставувањето и вмрежувањето со меѓународни партнери, да создадеме конкретни можности за нова соработка и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии – изјави Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар (КИЦ) во Тирана, Албанија

Над 60 македонски уметници ќе бидат дел од еден од најголемите културни настани во регионот – „Мјуз-екс експо фестивал“, кој ќе се одржи од 17 до 19 април, во Тирана, Албанија. На свеченото отворање на 17 април ќе биде изведен 40-минутен сценско-визуелен перформанс на истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и камерниот оркестар „Профундис“, во соработка со оркестарот на РТШ. Овој уникатен проект ќе понуди современ аудиовизуелен концепт што ги спојува класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност, претставувајќи силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот, со што македонските уметници ќе се претстават рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.

– Учеството со националниот павилјон и со толку бројна делегација е силна потврда за креативниот потенцијал што го има Македонија. Нашата цел е преку програмата, експо-претставувањето и вмрежувањето со меѓународни партнери, да создадеме конкретни можности за нова соработка и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии – изјави Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар (КИЦ) во Тирана, Албанија.

Како што додава, горда е што отворањето ќе биде одбележано со уникатен сценско-визуелен перформанс, кој на симболичен начин ја претставува современата македонска уметничка сцена.

Ема Попивода

– Интернационалниот карактер на фестивалот и експо-делот создаваат одлична платформа за културна размена, а токму тоа е и нашата мисија: да ја претставиме Македонија како динамична, креативна и отворена културна средина – додаде Попивода.

Македонската култура ќе биде претставена во полн сјај на фестивалот, кој има изразен интернационален карактер, а ќе обедини уметници, продуценти и културни организации од Европа, регионот и пошироко, со што ќе се создаде силна глобална платформа за културна размена и соработка. Со сопствен македонски павилјон, во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, нашата држава ќе се претстави со уметници, продуценти, фестивали, филмски автори, занаетчии и претставници на креативните индустрии.

Ова значајно присуство претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворање нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и на европско ниво. Учеството се реализира со силна поддршка од Министерството за култура и туризам, со што дополнително се нагласува институционалната важност на настанот.

Во рамките на саемскиот дел, пак, ќе се претстават истакнати македонски културни и креативни организации, меѓу кои: „Авалон продукција“, „Пасворд продукција“, Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, „Вардар филм“, „Скопје вајнил конвеншн“, како и повеќе компании и организации од културниот сектор. Учесниците ќе имаат свои инфо-дескови, но и можност за директни средби со меѓународните партнери. Особено внимание ќе привлече „Артизан вилиџ“, каде што ќе се претстават македонското традиционално занаетчиство, вклучувајќи ги охридскиот бисери, филигранот, рачно ткаените килими, везовите, и современите уметнички инсталации.

„Профундис“

Поради значајното учество и придонесот во промоцијата на културата, организаторите на „Мјуз-екс експо фестивал“ ќе им доделат специјално признание на Македонскиот културен центар во Тирана и на македонското Министерство за култура и туризам. Наградата ќе биде врачена на свеченото отворање на 17 април, во присуство на државниот секретар за култура, Марија Ѓоргова.

Инаку, „Мјуз-екс експо фестивал“ се одржува на уникатна мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана, со повеќе тематски фестивалски вечери, електронска, поп и рок-програма, како и на паралелни сцени за настапи и презентации. Покрај музичката програма, настанот вклучува конференции, панел-дискусии, филмски проекции, експо-презентации и професионални средби, што го позиционира како значајна меѓународна платформа за културна размена и соработка. Во ваков контекст, македонските уметници ќе се претстават рамо до рамо со истакнати имиња од светската сцена, пред публика и професионалци од целиот свет.

Овој настап претставува една од најголемите организирани презентации на македонската култура во регионот. Преку музиката, филмот, визуелните уметности, традиционалните занаети и креативните индустрии, Македонија ќе ги покаже својата автентичност, креативноста и современата културна продукција. Настанот отвора простор за нови партнерства, размена на идеи и за засилено регионално присуство на македонските уметници.

Со ова, македонската култура добива значајна платформа за промоција пред меѓународната публика, потврдувајќи ги својот потенцијал и улогата во културниот дијалог на Балканот, но и пошироко во европски и во глобален контекст.

ИЗДВОЕНИ