Се откажаа и од филмот и од доделените 244 илјади евра? – Одбиваме да бидеме дел од оваа перфидна игра на Министерството за култура и на Агенцијата за филм, која нас, како уметници, нè става во понижувачка и недостојна позиција и очекува да бидеме параван за лукративните и антифилмски цели на оваа, според сè што се случува во години наназад, тенденциозна филмска администрација, се вели во соопштението на „Револушн продакшн“, со кое на „Фејсбук“ беше објавено дека се откажуваат од реализацијата на долгометражниот игран филм „Татко“ и од доделените буџетски средства (243.922 евра) од Агенцијата за филм за овој филмски проект по сценарио и во режија на Јани Бојаџи

Режисерот Јани Бојаџи, продуцентот Дејан Милошевски и продукцијата „Револушн продакшн“ соопштија дека се откажуваат од реализацијата на долгометражниот игран филм „Татко“ и од доделените буџетски средства за овој филмски проект. На „Татко“ Агенцијата за филм му додели 15.000.000 денари или 243.922 евра по Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година (прв рок) чии резултати беа објавени деновиве, а филмот на Бојаџи беше еден од трите избрани долгометражни играни проекти со мнозински удел.

Според продуцентот Дејан Милошевски, одлуката е донесена по внимателна анализа на условите и околностите во кои требало да се реализира проектот.

– Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на нашето долгогодишно искуство и настаните со кои се соочуваме во последните години. Одбиваме да бидеме дел од оваа перфидна игра на Министерството за култура и на Агенцијата за филм, која нас, како уметници, нè става во понижувачка и недостојна позиција и очекува да бидеме параван за лукративните и антифилмски цели на оваа, според сè што се случува во години наназад, тенденциозна филмска администрација, се вели во соопштението на „Револушн продакшн“ објавено на „Фејсбук“.

Оваа одлука на продуцентот ја поддржа и режисерот Јани Бојаџи.

– Ја поддржувам во целост одлуката на Дејан како продуцент. Нема да дозволиме да бидеме понижени и обесправени! Нема да бидеме параван зад кој, со нашите имиња на вистински уметници и филмски автори, Министерството за култура и Агенцијата за филм ќе ги играат нивните „комуњарски“ и „северџански“ игри! Им благодарам на сите соработници кои овие четири години беа заедно со нас во развојот на овој филм инспириран и посветен на Мајката земја. Борбата продолжува! Ќе победиме. И без нив, вели во објавата на социјалните мрежи Бојаџи.

И актерот Владо Јовановски, кој треба(ло) да ја игра главната улога во „Татко“ реагираше на социјалните мрежи.

– По долги години апстиненција, за малку ќе заиграв на филм. Што би се рекло, за т’нко влакно. Да не му се верува на човек, требаше да одиграм главна улога во долгометражен игран филм. Но, тоа е тоа… А бев на чекор до улогата. На продукцијата ѝ недостасуваа уште само 650.000 eвра. Предложив да се откажеме од хонорарите. Пак небива. Тие се толку бедни, што зафаќаат многу мала ставка во буџетот на филмот. И тоа е тоа… За едни, климата секогаш е благопријатна, а за други, секогаш е невреме, со град и грмотевици, со поројни дождови и бури. А не дека толку многу ми се снима, само сакав да проверам, дали сум го заборавил тој занает… напиша тој на „Фејсбук“.

До затворањето на весникот ВЕЧЕР, од Агенцијата за филм добивме само усна потврда дека до нив, до сега, не стигнало официјално известување од „Револушн продакшн“ дека се откажуваат од средствата за филмот „Татко“. На прашањата испратени до нив по електронска пошта, тие не ни вратија одговор. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ