Два танкера се запалија откако удрија во мини во Ормускиот теснец, јавува иранската новинска агенција „Фарс“, повикувајќи се на Корпусот на чуварите на исламската револуција (ИРГЦ).
„Доколку продолжат овие злонамерни дејствија од страна на арогантниот американски режим, нафтените компании ќе мораат да платат повисока цена“, изјавија од ИРГЦ, пренесува агенцијата „Фарс“.
Од ИРГЦ исто така соопштија дека во понеделникот, над Ормускиот теснец, било соборено американско беспилотно летало од типот „MQ-9“.
Во извештајот не се наведени имињата на танкерите, ниту пак знамињата под кои пловат, а нема ниту информации за евентуални жртви. Овие тврдења на иранската страна сè уште не се независно потврдени.
Активирањето на поморски мини во Ормускиот теснец станува сè посериозен проблем, особено по инцидентот во саботата, кога супертанкер претрпе сериозни оштетувања откако удри во мина. Тогаш беше објавено дека танкерот превезувал повеќе од два милиони барели сурова нафта. Неколку дена претходно, товарен брод што превезувал 2.500 контејнери потона во теснецот откако удрил во мина.
Според ирански извори, сили на Корпусот на чуварите на исламската револуција (ИРГЦ) собориле американско беспилотно летало „MQ-9 Reaper“ над Ормускиот теснец.
Иран го засилува притисокот врз пловилата во Ормускиот теснец и во Персискиот Залив, додека американската војска спроведува блокада на иранските пристаништа.












