Со финалниот натпревар во кошарка, во реконструираната сала „Лазар Лечиќ“ во Градски парк, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свечено ги затвори училишните спортски игри „Лига Центар“ 2025/26.
Завршниот кошаркарски меч се одигра меѓу најдобрите училишни екипи на ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „Кочо Рацин“. Со овој натпревар, симболично беше одбележан крајот на сезоната, а победа оствари тимот на ООУ „Димитар Миладинов“.
Градоначалникот Герасимовски им врачи медали и пофалници на најдобрите тимови и на најдобрите играчи.
– Спортските игри „Лига Центар“ се реализираат под покровителство на Општина Центар и ги опфаќаат сите центарски основни училишта, со натпревари во повеќе спортови, меѓу кои кошарка, фудбал, одбојка, ракомет и шах. Целта е да се поттикне правилниот физички развој кај учениците, да се развива тимскиот дух и да се создаваат здрави навики – нагласуваат од Општина Центар.
За учебната 2025/26 година, Општина Центар додели 48 стипендии за успешни млади спортисти – ученици од општинските основни училишта, како поддршка за нивниот развој и успеси.












