Масовна акција за расчистување на дивите депонии се спроведува од утринава на територијата на општина Кисела Вода.
Од Општината информираа дека во оваа голема еколошка акција била вклучена силна механизација составена од 11 скипови, 2 багери и 25 камиони со кои се расчистуваат повеќе од десет критични точки.
Притоа, додаваат дека на терен интензивно работат сезонските работници ангажирани од Општина Кисела Вода, во координација со екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“. Значајна поддршка дале и повеќе општествено одговорни компании кои ја отстапиле својата механизација.
– Почнавме со силна механизација, 11 скипови, 2 багери и 25 камиони се на терен и работат со полн капацитет. Акцијата опфаќа преку десет критични точки на нашата територија. Со нивното расчистување не само што го враќаме убавиот лик на општината туку пред сè, преземаме конкретен чекор за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Таа наведе дека се отстрануваат огромни количества отпад кои ги загадуваат почвата и природата во Припор, во Драчево, кај Теферич, кај „Охис“, кај селото Аџево и на низа други локации.
– Оваа масовна акција е огромен чекор напред кон враќање на редот во Кисела Вода, но за да ја задржиме хигиената, неопходна ни е поддршката од сите. Општината е тука, работи интензивно на терен, но само со заедничка грижа и одговорност ќе спречиме повторно создавање на овие грди слики – изјави Стаменкоска-Трајкоска.












