четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Суперхерои, принцези, штрумфови… „Априлијада“ полна со радост и смеа

Суперхерои, принцези, штрумфови… „Априлијада“ полна со радост и смеа

1512

Особена атракција за посетителите на традиционалната градска манифестација беа настапите на кловновите, маскотите од познатите цртани филмови, како и на пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор создадоа вистинска карневалска атмосфера, ја раздвижија публиката и влеаја дополнителна доза среќа кај учесниците на скопската „Априлијада“, чиј покровител беше Град Скопје, а градскиот татко, Орце Ѓорѓиевски, го помина заедно со најмладите овој ден, најзначаен за нив. А не изостана и по некоја лага

 

Денот на шегата е потсетник дека радоста, смеата и детската безгрижност се најубавиот украс на секојдневието.

На 1 Април, кога се насмевките најискрени, а фантазијата нема граници, им даваме простор на децата да бидат токму тоа што се – креативни, разиграни и среќни.

Градскиот трговски центар денеска ечеше од детска смеа, на радоста ѝ немаше крај. Скриени под најразновидни маски, како принцови и принцези, спортисти, штрумфови и штрумфети, ликови од омилените детски серии и цртани филмови, најмладите вчера излегоа да го одбележат 1 Април, Меѓународниот ден на шегата.

Особена атракција за посетителите на традиционалната градска манифестација „Априлијада“ беа настапите на кловновите, маскотите од познатите цртани филмови, како и на пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор создадоа вистинска карневалска атмосфера, ја раздвижија публиката и влеаја дополнителна доза среќа кај учесниците на скопската „Априлијада“, чиј покровител беше Град Скопје, а градскиот татко, Орце Ѓорѓиевски, го помина заедно со најмладите овој ден, најзначаен за нив. Воедно, тој заедно со директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска-Серафимовска, им додели таблети на учесниците од ликовниот конкурс, како симболична награда за креативноста и трудот. А не изостана и по некоја лага.

По повод педесетгодишниот јубилеен роденден од формирањето на Општина Карпош, вкупно 50 деца од сите основни училишта на територијата на Општината учествуваа на скопската „Априлијада“ со групната маска со костим срце – „Со љубов од Карпош“.

Лошото и облачно време не успеа да им го расипе расположението на децата, кои се подготвувале со денови и со нетрпение очекувале да се покажат под маската на својот омилен лик.

За да бидат уникатни маските, со сигурност се погрижиле и помогнале родителите, додека дел од маските беа купени.

И годинава организатор на манифестацијата беше Детскиот културен центар „Карпош“, кој се погрижи за богатата програма, исполнета со танцови точки што ја „вжештија“ атмосферата со динамични и ритмички кореографии, потоа со настапите на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, проследена од солисти – деца изведувачи на песните од „Зооазбука“, балетското студио „Брејк а лег“ и „Марбал“, како и „златните славејчиња“.

Театар за тебе, пак, имаше своја уникатна изведба. Треба да се спомене и уникатната изведба на сегменти од познатиот детски мјузикл „Аладин и волшебната ламба“, изведени на македонски јазик, од студиото за деца и младинци „Бродвеј јуниор“.

(А. П.) Фото: (П. А.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ