Порастот на цената на дизелот предизвика зголемување на трошоците на компаниите од пекарската индустрија, кои ги зголемија цените на лебот, бурекот и на белите печива. Во Прилеп, Битола, Штип и Кочани, белиот леб од 450 грама веќе се продава за 5 денари поскапо. Во Скопје, пак, освен лебот, во дел од пекарниците, веќе неколку дена, за по пет денари поскапо се продаваат бурек и симит, како и дел од другите печива. Од мелничко-пекарската индустрија, зголемувањето на цената на лебот и на белите печива, освен на зголемените трошоци, го препишуваат на недостигот на кадар и на зголемените плати на пекарите. Велат дека не може лебот да се продава по 30 денари, а пекарите да ги плаќаат по 60 илјади месечно.
– Кадарот е најголемиот проблем во нашата индустрија, нема кој да работи. Просекот на вработените пекари е над 58 години, а младите не сакаат да ја работат оваа работа. Поради недостиг на работници, ги зголемивме и платите кои, за мајстор за бурек и за бели печива, се движат од 50 до 60 илјади денари. Платите се високи и на останатите вработени во пекарството и се над просечната нето-плата, односно над 40 илјади денари. Освен тоа, ние плаќаме и високи придонеси кои се движат околу 50 отсто и треба да се намалат. Земјите од регионот плаќаат пониски придонеси кои се движат од 15 до 30 отсто, изјави Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, за весникот ВЕЧЕР.
Според него, цената на работната сила во оваа индустрија ја качува тоа што се работи на смени. Трета смена се плаќа дополнително, а работниците добиваат поголема дневница и за работа во недела и на празник.
– Освен цените на нафтата, зголемени се и цените на пченицата за 7 до 8 отсто. Ако продолжат да растат и цените на пченицата, ќе се зголемат цените и кај оние компании што немаат резерви од пченица. Значи, без поддршка од државата, во услови кога растат цените на сите суровини, не може да ги држиме цените на лебот и на останатите пекарски производи на исто ниво – појаснува Малишиќ.
Пекарите велат дека корекцијата на цените е очекувана, имајќи предвид дека производителите работеле подолг период со непроменети цени, иако трошоците значително се зголемиле.
– И покрај тоа што има зголемување на цената на гасот, брашното, јајцата, ние сè уште одиме со стари цени за да го заштитиме стандардот на граѓаните, иако, реално, требаше веќе да ги покачиме. Кај маслото за готвење има покачување од 10 отсто, јајцата од 200 денари се качија на 310 денари табла, а зголемени се и цените на транспортот поради зголемените цени на нафтата. Ние сме мала пекарница и немаме простор за да трупаме резерви, земаме тековно на палети, така што ова зголемување директно се одразува на нашите трошоци – изјавија за весникот ВЕЧЕР од една скопска пекарница.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ја анализира состојбата со цената на лебот и ќе преземе мерки доколку се утврди дека има неоправдано зголемување, посочувајќи дека, во спротивност, ќе следуваат санкции.
– Ја анализираме состојбата, ќе го видиме инпутот и ќе видиме дали врз основа на инпутот што тие го декларираат, навистина има потреба од такво зголемување. Доколку има потреба, тогаш ќе кажеме да има потреба и ќе преземеме мерки, а доколку нема потреба, тогаш за тие што се однесуваат девијантно и непазарно, ќе бидат изречени глоби, изјави Мицкоски.
Инаку, белиот леб од 450 грама и стандардниот леб тип 500, во моментов, во дел од продавниците се продава по околу 30 до 35 денари. Според реакции на граѓани, во некои продажни места веќе е забележано поскапување, при што сечканиот бел леб достигнува цена до 40 денари. Се најавува и поскапување од 3 до 5 денари на стандардниот леб тип 500, односно несечениот леб, кој сега се продава по околу 30 денари, што значи дека цената би достигнала 33 до 35 денари.
(А. С.)












