среда, јули 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Струјата нема да поскапи, се бара начин за пониски сметки од јануари

Струјата нема да поскапи, се бара начин за пониски сметки од јануари

7

Обвинувањата дека земјата ја очекува тешка есен на енергетски план и ново поскапување на електричната енергија се неосновани и претставуваат обид за политичко создавање страв кај граѓаните, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Според премиерот, опозицијата со години пласира сценарија за економски колапс и различни кризи, но, како што рече, тие не се оствариле.

„Веќе трета година од мандатот, цената на електричната енергија за граѓаните не само што не е поскапена туку се обидуваме да најдеме формула од јануари да поевтини“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека, според него, за време на владата на СДСМ и ДУИ цената на електричната енергија пораснала за една третина, додавајќи дека тоа се мерливи резултати што, како што рече, лесно можат да се споредат.

Мицкоски нагласи дека приоритет на Владата останува подобрувањето на животниот стандард на граѓаните и оти економските политики ќе бидат насочени кон намалување на трошоците и подобрување на условите за живот.

Осврнувајќи се на критиките од опозицијата, тој оцени дека тие водат „некреативна и незрела политика“, додавајќи дека Владата ќе остане фокусирана на реализација на проектите и мерките што, според него, носат конкретни резултати за граѓаните.

ИЗДВОЕНИ