Просечната потрошувачка кошничка е целосно изработена, усвоена и прифатена од Економско-социјалниот совет, а во моментов се врши финално усогласување на податоците со Државниот завод за статистика. Доколку заврши процесот според планираното, нејзината примена би можела да почне од септември, најави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Тој појасни дека новата просечна потрошувачка кошничка нема да биде замена или пандан на минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), туку ќе има сосема поинаква намена.
– Да повторам по не знам кој пат, просечната потрошувачка кошничка не е пандан на минималната потрошувачка кошничка, која не е минимална и која ја објавуваат синдикатите според свои параметри. Оваа кошничка ќе ни служи како основа за креирање исправни економски политики, донесување соодветни закони, одлуки и мерки, базирани на добро обработени статистички податоци – истакна Ристески.
Според него, целта на новата методологија е институциите да располагаат со пореална слика за просечните трошоци на домаќинствата, што ќе овозможи поквалитетно планирање на економските политики и за поефикасно носење мерки во интерес на граѓаните и на стопанството.












