Светската здравствена организација објави дека, можеби, се случил редок случај на пренесување хантавирус од човек на човек на холандскиот крузер МВ „Хондиус“, на кој починаа тројца патници. Вирусот обично се пренесува преку глодачи, но СЗО соопшти дека во овој случај може да се проширил меѓу „многу блиски контакти“ на бродот.
Ова патување од соништата со холандскиот брод по Атлантикот, за 150. патници од 23 земји се претвори во кошмар. На бродот беа идентификувани два потврдени и пет сомнителни случаи на хантавирус, ретка, но тешка болест. Тројца патници починаа, а неколку други се или болни или покажуваат симптоми откако испловија од Аргентина, пред околу еден месец.
Како изгледа сега животот на бродот на смртта, како што го нарекоа многумина МВ „Хондиус“, пренесува Би-би-си во својата репортажа. Според изјавите на патниците дадени за медиумот, додека едни се преплашени, целосно во паника и плачат, други велат дека претерано се известува за ситуацијата на бродот. Американскиот влогер Џејк Розмарин низ солзи објави на „Тик-ток“ дека постои голема неизвесност, што е најтешкиот дел, па сè што сакаат патниците е безбедно да се вратат дома. За разлика од него, инфлуенсерот Касим Хато вели дека е претерана целата ситуација и, според него, тоа делумно е поради паниката на Розмарин, чие видео кружи во медиумите.
– Иако е вистина она што го кажа, сепак не ја претставува вистинската ситуација на бродот. Сите други (148 од 149 патници) се мирни, сè е под контрола и само сакаме болните да оздрават што е можно поскоро – објави Хато.
Тој рече за Би-би-си дека патниците читаат книги, гледаат филмови и пијат топли пијалаци.
– Се чувствувам добро, дишам свеж воздух, имам храна, екипажот се грижи за мене… Се обидувам да имам само позитивно мисли – вели тој.
Операторот на бродот, „Оушнвајд експедишн“, посочи дека атмосферата на бродот била „мирна“ и дека патниците биле „генерално мирни“. Речиси еден месец по првиот смртен случај, снимките од бродот даваат увид во секојдневниот живот. Се гледа како се истоваруваат здравствени службеници, во заштитна опрема, од бродот, а салоните, обично места за релаксација или вечерна забава, сега се празни. Еден од патниците вели за Би-би-си дека екипажот ги замолил сите да држат растојание едни од други, да носат маски и често да ги дезинфицираат рацете.
Кога резервирале крстосување на МВ „Хондиус“, многумина очекувале искуство за цел живот, минувајќи низ некои од најсуровите и најнедопрени делови на Атлантикот. Бродот исплови од Ушуаја, Аргентина, најјужниот град во светот, на 1 април и стигна до британската територија Јужна Џорџија, позната по своите колонии на пингвини. Потоа се упати до Тристан да Куња, најоддалечениот населен остров во светот. Сега е заглавен на отворено море, кај Зеленортските Острови, бидејќи не му беше дозволено да се закотви на пристаниште. Шпанската Влада објави дека му се дозволува на бродот да исплови до Канарските Острови, каде што ќе се вршат процена на ризикот и медицинско следење на патниците.












