Јавното претпријатие „Лајка“ реагира дека страдањето на животните на улица не престанува, за што е потребен сериозен и координиран одговор од надлежните институции, со строги мерки, контроли и санкции за неодговорноста.
– Секое одложување значи уште еден загубен живот и уште една непотребна агонија. Време е за системско и одлучно дејствување за конечно решавање на проблемот и превенирање на децениското страдање на животните – нагласуваат од претпријатието.
Потсетник за тоа е последниот случај со кучето што го заловија екипите на ЈП „Лајка“ во Шуто Оризари.
– Добивме пријава за заловување куче во Шуто Оризари, кое се наоѓало во тешка здравствена состојба. Според пријавата, кучето два дена лежело неподвижно во подрумските простории на пријавувачите. Екипа на „Лајка“ веднаш постапи по налогот и го презеде кучето од локацијата. Кучето беше во крајно тешка состојба, со отежнато дишење, силна дехидратација, декубитни рани од долготрајно лежење и голем оток на устата. Му беше укажана прва помош, а нашите ветеринари направија сè што беше во нивна моќ. За жал, и покрај сите напори, кучето не успеа да ја добие битката. Овој случај е уште едно болно потсетување дека страдањето на животните на улица нема да престане само со преземена иницијатива единствено од поединци, организации и од ЈП „Лајка“ – велат од претпријатието и додаваат дека не дознале како се вика кучето, но за да го испратат достоинствено, го нарекле Жиле.