вторник, октомври 20, 2026
Дома СКОПСКА Ставени во употреба новите специјални комунални возила

Ставени во употреба новите специјални комунални возила

36

ЈП „Комунална хигиена“ почна да ги употребува новите специјални комунални возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје и одржување на хигиената на јавните и сообраќајните површини, што се стекнати како донација од Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје.  Станува збор за камиони со зафатнина од 21, 17, 8 и 3 кубни метри, автоцистерни наменети за машинско миење на улиците, како и специјализирани метларки наменети за машинско метење.

– Преку ставањето во употреба на новите специјални комунални возила се очекува значително да се зголеми ефективноста и ефикасноста на извршувањето на оперативните активности на претпријатието на терен – соопштија од ЈП „Комунална хигиена“.

Велат дека продолжуваат и со поставувањето на новите садови наменети за одлагање на комуналниот отпад, а досега биле заменети приближно 500 контејнери.

Инаку, во текот на изминатата недела, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ отстраниле 960 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад бил подигнат во општината Центар, каде што биле расчистени вкупно 210 кубни метри отпад од диви депонии. Во истиот период, биле подигнати и транспортирани 3.150 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти во Скопје.

Еко-патролата пак на претпријатието, минатата недела изготвила 23 записника за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 12, биле врачени на територијата на општина Чаир.

 

 

ИЗДВОЕНИ