Итната медицинска помош низ државата добива 100 нови амбулантни возила, а Министерството за здравство преговара за набавка на дополнителни 50 во 2027 година. Новите возила се опремени со ЕКГ-апарати, дефибрилатори и опрема за респираторна поддршка.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека набавката е дел од владините инвестиции во здравството, најавувајќи и други инфраструктурни проекти, меѓу кои изградба на клинички болници во Штип и Тетово, здравствен дом во Кичево и нов клинички центар во Скопје.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека во моментов има 140 активни амбулантни возила, а со новата набавка бројот ќе достигне околу 200. Дел од возилата ќе го зголемат капацитетот на службите, а останатите ќе ги заменат дотраените возила. Дистрибуцијата ќе се врши според бројот на жители, територијалната покриеност, бројот на интервенции и состојбата на постојниот возен парк.

Покрај обновувањето на возилата, Министерството планира реформи во Итната медицинска помош, вклучително и воведување национални стандарди за тријажа, национален диспечерски центар и постепено вклучување парамедици во тимовите.

Клековски посочи дека најголем недостиг од кадар во моментов има кај возачите, а Министерството подготвува мерки за надминување на проблемот.












