Светско, а наше, македонскo! Македонија и македонската публика остануваат важен дел од неговата музичка приказна. „Момент“ е песна создадена од лична емоција, додека инспирација е неговата сопруга, оној момент кога првпат ја запознал
„Момент“ е новата песна со која се означува новиот почеток, новото поглавје на познатиот македонски поп-пејач од помладата генерација музичари, Бобан Боби Андонов. – Новата песна, освен на македонски јазик, има и англиска верзија. На сите што ме следат и ме поддржуваат уште од „Прати ми СМС“, ви благодарам! Конечно го добив тој СМС, од љубовта на мојот живот, и од него се роди мојата нова песна „Момент“. Ви благодарам од срце. Се надевам дека ќе уживате, Андонов радосно им порача на обожавателите.
Со тоа, Боби најавува и нов музички циклус, надевајќи се на соработка со познатата Магдалена Цветкоска, за својот албум, пред сè, на македонски јазик.
Но, и пред да се случи албумот, Боби Андонов со „Момент“ се враќа во Македонија, по долгиот престој во Америка. Иако е наш музичар, неговата песна има светски поп-звук. Тој најавува период во кој Македонија повторно ќе има главно место во неговата музичка приказна.
По години поминати во Лос Анџелес, каде што пишува, создава и соработува со врвни музички професионалци, Боби Андонов, со оваа песна, отвора ново поглавје во својата кариера. Светски, а сепак наш – Боби е еден од оние музичари кои со својот специфичен вокал, со препознатливата боја на гласот, со музичкиот сензибилитет, и воопшто, со имиџот, одамна ги надмина локалните рамки.
Неговиот музички пат го однесе во Лос Анџелес, но Македонија и македонската публика остануваат важен дел од неговата музичка приказна. „Момент“ е создадена од искрена и лична емоција, а инспирација е неговата сопруга и моментот кога првпат ја запознал. – Од тој момент, знаев дека таа е љубовта на мојот живот. Токму таква сум сонувал. Песната е за тоа искрено чувство кога знаеш дека си ја нашол вистинската личност која прави да си целосно среќен, објаснува Боби. Во создавањето на „Момент“, учествува и Магдалена Цветкоска, чиј начин на претворање на емоциите во зборови, Боби особено го почитува. Откако ѝ го испратил првичното демо, таа веднаш ја препознала идејата и значењето на песната, по што почнала нивната убава соработка.
Продукцијата и аранжманот ги потпишуваат самиот Боби Андонов и Греми-наградениот продуцент, Дони Браво, кој соработувал со имиња како што се Бени Бланко, Дисклоушр и Крис Браун. Според Боби, токму комбинацијата на нив тројца го создала вистинскиот тим за оваа песна. Да се потсетиме дека македонската публика го памети Боби уште од неговите детски музички почетоци, песната „Прати ми СМС“ и неговиот настап на детската Евровизија како претставник на Македонија. Не се заборава ниту настапот на Боби на еден од концертите на легендарниот Тоше кога, како дванаесетгодишно момче, пееше на неговиот концерт во Мелбурн.
(Д. М.)












