Кредитите за станови и потрошувачка продолжуваат да растат, а граѓаните и компаниите во септември се задолжувале повеќе и во споредба со претходниот месец и со истиот период лани. Станбените кредити на годишно ниво пораснале за 16,1 отсто, потрошувачките за 12,4 отсто, а вкупното кредитирање во земјава за 14,1 отсто, покажуваат податоците за монетарните движења за септември 2026 година.
Кредитите одобрени на граѓаните во септември биле за 1,4 отсто повисоки во споредба со август, а за 12,7 отсто во однос на лани. Потрошувачките кредити месечно пораснале за 1,1 отсто, а станбените за 1,5 отсто.
Расте и задолжувањето на компаниите. Во септември нивните кредити се зголемиле за 1,3 отсто на месечно ниво, односно за 15,7 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Вкупните кредити на граѓаните и фирмите биле за 1,3 отсто повисоки во однос на август и за 14,1 отсто на годишно ниво.
Истовремено, растат и депозитите во банките. Вкупните депозити во септември се зголемиле за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец, а за 9,2 отсто во однос на лани. Најголем придонес имаат заштедите на домаќинствата.
Депозитите на граѓаните на годишно ниво пораснале за 9,2 отсто, при што раст бележат и средствата на трансакциските сметки и орочените заштеди. Орочените депозити се зголемиле за 0,8 отсто на месечно и за 5,7 отсто на годишно ниво.
Повеќе средства во банките чуваат и компаниите. Нивните депозити во септември пораснале за 0,4 отсто во однос на август, а за 8,6 отсто во споредба со септември минатата година.












