Гевгеличанецот Борче Стаменов го донираше 4.011. компјутер. Тој информираше на „Фејсбук“ дека за многу луѓе тоа е само бројка, но за неговата мисија „Донирај компјутер“ тоа се 4.011 приказни.
– Го претставува детето кое конечно може да посетува онлајн часови без да позајмува уред. Го претставува ученикот што ја напишал својата прва домашна задача на својот компјутер. Ги претставува родителите кои првпат почувствуваа дека нивното дете има исти можности како и сите други и дека не е заборавено. Пред десет години почнавме со една едноставна мисла: „Дечки, имам една идеја ама не е ништо посебно“. Почнавме со мислата дека местото каде што се раѓа детето и тоа колку пари заработуваат неговите родители, никогаш не треба да ја одредуваат неговата иднина. Многумина сметаа дека идејата е смешна и невозможна. Сепак, денес повеќе од четири илјади семејства низ цела Македонија можат да посведочат дека невозможните работи стануваат можни кога луѓето ќе одлучат да не го свртат погледот – напиша Стаменов.

Тој додава дека оваа иницијатива никогаш не била изградена врз големи буџети, грантови, политичка поддршка или големи ветувања, туку е изградена е врз хуманост од граѓани кои ги донираа своите стари компјутери наместо да ги фрлат, со помош на повеќе од стотина волонтери кои, како што вели, ги дадоа своето време, знаење, викенди и безброј часови за неплатена работа. Потоа, од компании кои препознале искреност, транспарентност и желба да се помогне секому. Стаменов изрази посебна благодарност до некои од луѓето и општествено одговорните компании кои, како што нагласи, ја носеа оваа мисија на своите рамена од самите почетоци, но и до граѓаните на Македонија, кои веруваа во нас од првиот ден.
Според Стаменов, фактот дека оваа иницијатива е неопходна треба да нè загрижи сите нас и значи дека треба да го ставиме прстот на чело, бидејќи како што наведува, пристапот до технологијата повеќе не треба да е луксуз.
– Тоа е пристап до образование. Тоа е пристап до знаење. Тоа е пристап до можности и ниту едно дете во 2026 година не треба да биде оставено зад себе затоа што нема компјутер. Затоа, компјутерот со број 4.011 е и прослава и потсетник. Прослава на она што граѓаните можат да постигнат кога се обединуваат околу заедничка цел. И потсетник дека нашата работа не е завршена. Затоа што некаде во Македонија сè уште има дете кое чека. Училиште кое не изведува настава поради недостаток на соодветна опрема. Болница која пролонгира или одложува третмани поради немање алат за работа. Сите тие чекаат можност и подобри времиња, а време за чекање нема – одлучен е Стаменов, нагласувајќи дека додека постојат такви деца, ученици, студенти, училишта, болници, ќе постои и „Донирај компјутер“.
Стаменов вели дека мисијата на „Донирај компјутер“ никогаш не биле компјутерите, туку достоинство, еднаквост и фер шанса за секого.
– Ако мала група решителни луѓе успеале да променат повеќе од четири илјади животи, замислете што би можеле да постигнеме ако целото општество се движеше во иста насока – констатира тој.












