Во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, осуммина ученици од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, заедно со својот супервизор и координатор на проектот, наставник магистер Мери Олумчева, неодамна учествуваа на интеркултурна размена во детското село Песталоци во Троген, Швајцарија. Во текот на престојот во детското село, учениците Ана Марија Чучанова, Благица Паласкарова, Ангела Велкова, Наце Кованцалиев, Јован Јованов, Драган Диманов, Росана Проданова и Дарија Димитрова беа дел од работилниците посветени на детските права, почитувањето на различностите, антидискриминацијата, принципите на мултикултурниот дијалог и комуникацијата, како и од темите поврзани со ненасилството и со толеранцијата.
– Да се биде дел од оваа размена, за мене, беше чест и гордост , но и голема одговорност. Сега сме побогати со знаења и вештини, кои ќе им ги пренесеме на другите ученици, во текот на идната учебна година – изјави Олумчева

Во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, осуммина ученици од ООУ ,,Крсте Мисирков“ од Гевгелија, заедно со својот супервизор и координатор на проектот, наставник магистер Мери Олумчева, неодамна учествуваа на интеркултурна размена во детското село Песталоци во Троген, Швајцарија.
Овој проект во училиштето ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија се реализира веќе втора година. Тој е поддржан од повеќе чинители: Коалицијата на младински организации, детската фондација „Песталоци“, Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада „Меѓаши“ и Смарт АП – Лабораторија за социјални иновации.
Сите планирани активности во училиштето, како обука, работилници, акции, изложби, форум, театарски претстави, изработка на летоци, видеа и мурали на дадените теми, и оваа година беа успешно реализирани. Поради сето ова, училиштето од Гевгелија повторно беше одбрано за учество во интеркултурната размена во Троген, Швајцарија.
Во текот на престојот во детското село, учениците Ана Марија Чучанова, Благица Паласкарова, Ангела Велкова, Наце Кованцалиев, Јован Јованов, Драган Диманов, Росана Проданова и Дарија Димитрова беа дел од работилниците посветени на детските права, почитувањето на различностите, антидискриминацијата, принципите на мултикултурниот дијалог и комуникацијата, како и од темите поврзани со ненасилството и со толеранцијата.
– Интеркултурната размeна беше едно прекрасно доживување, ново искуство за учениците и за наставниците. Ова патување, всушност, беше патување во нови знаења, запознавање нови култури и размена на ставови. Да се биде дел од оваа размена, за мене, беше чест и гордост, но и голема одговорност. Сега сме побогати со знаења и вештини, кои ќе им ги пренесеме на другите ученици, во текот на идната учебна година –Олумчева.
Инаку, гевгелиските ученици работеа во двојки и групи и разменуваа идеи, ставови и искуства со врсници од Неготино,Кочани, Скопје и Битола, како и со група ученици од Република Србија. Преку различни активности, дискусии и тимски задачи, тие стекнаа нови пријателства, запознаа различни култури и јазици и градеа позитивен став кон толеранцијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права.
– Во текот на престојот, сфатив дека сите ние, децата, сме слични. Иако растеме во различни земји и зборуваме на различни јазици, нашата цел е иста: зајакнување на наставата за детските права во училиштата каде што учиме. Богатата програма беше исполнета со работилници, кои опфатија теми како што се инклузијата, детските права, комуникацијата, почитувањето на различностите, борбата против врсничкото насилство и многу други. Целта на работилниците и на самата размена беше да се поттикне општествена свест кај нас, младите, и да се создаде простор за отворена размена на идеи, искуства и другарување. Сите активно учествувавме во активностите, учејќи нови вештини и откривајќи нови перспективи преку забава и игри – вели ученичката Благица Паласкарова.
Учениците имаа и активности во самото село, околу подготовката на храната и одржувањето на хигиената, додека слободното време го користеа за забава, рекреација и за дружење во Младинскиот клуб, во спортската сала и во собите за рекреација во куќите каде што беа сместени. Во текот на викендите беа реализирани екскурзии во градовите и местата во Швајцарија, како: Цирих, Луцерн, Сент Гален, „Технорама“ – музеј на природните науки, водопадите на Рајна и планината Сантис на Алпите, стекнувајќи нови искуства и проширувајќи ги своите видици.
Детското село Песталоци се наоѓа во местото Троген, во кантонот Апенцел Аусероден, источна Швајцарија, а го добило името по познатиот швајцарски Јохан Хајнрих Песталоци.
Ова село претставува современ образовен и културен центар посветен на детските права, интеркултурното образование и на мировното воспитување. Во него има музеј, изложбен центар, игралишта, сместувачки капацитети и простории за семинари и е отворено за посетителите во текот на целата година. Во детското село веќе четири децении се организираат средби на ученици од сите страни на светот, со цел унапредување на детските права, почитување на различностите, антидискриминацијата, принципите на мултикултурниот дијалог и комуникацијата, како и теми поврзани со ненасилството и со толеранцијата.
Оваа година се слави 80-годишнината од детското село Песталоци и една работа ги обединува вработените и учесниците, а тоа е длабокото убедување дека образованието е клучот за давање подобри можности за иднината на децата.
(Љ. А.)












