Започна со работа регионалниот стационар за згрижување бездомни животни „Шепа“, кој е лоциран во населбата Глишиќ во Кавадарци, на површина од 5.470 квадратни метри.
Стационарот има капацитет од 67 бездомни животни, кои ќе бидат заловени, третирани и повторно пуштени на улица. Објектот опфаќа ветеринарна клиника за прием, преглед, кастрација, чипирање, лекување на домашните миленици или на бездомните животни.
Регионалниот центар ќе опслужува девет општини: Велес, Чашка, Лозово, Свети Николе, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
Стационарот е изграден во рамките на проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој и со него ќе се обезбеди хуман третман на бездомните животни.
Се очекува основањето на стационарот, кој е финансиран од Министерството за локална самоуправа и од швајцарските Влада и Амбасада, а е кофинансиран од Општина Кавадарци, со вкупна вредност од 21 милион денари, да го реши проблемот со бездомните кучиња во деветте општини во Вардарскиот Плански Регион.
Со овој проект, преку воспоставен систем за контрола на популацијата на кучиња согласно со законските прописи, ќе се обезбеди хуман третман на бездомните животни и на милениците, што ќе има директно влијание врз здравјето и безбедноста на луѓето.