недела, јули 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Стабилните и предвидливи политики се клучни за инвестиции

Стабилните и предвидливи политики се клучни за инвестиции

23

Квалитетот на јавните политики, нивната предвидливост и начинот на кој се вклучуваат засегнатите страни во процесот на нивно креирање се важни предуслови за подобро деловно окружување, значајни иновации, поголема конкурентност и долгорочно одржлив економски развој. Ова беше во фокусот на работниот дијалог „Редефинирање на креирањето јавни политики: од консултации до заедничко создавање“, организиран од Американската стопанска комора (Амчам) во Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Стивен Езел, потпретседател за глобална иновациска политика во „Information Technology and Innovation Foundation – ITIF“ од Вашингтон, ги претстави меѓународните искуства за тоа како успешните економии ги дизајнираат, спроведуваат и оценуваат јавните политики засновани на докази, со посебен осврт на врската меѓу регулаторната предвидливост, иновациите, инвестициите и долгорочната конкурентност, информира Амчам.

Во дискусијата беше истакнато дека тековното ниво на иновации не е доволно за потребите на економијата и дека е потребен поамбициозен пристап кон создавањето услови што ќе поттикнуваат развој, примена и комерцијализација на иновациите.

– Учесниците посочија дека Северна Македонија има солидни основи во делот на образованиот кадар, дигиталната адаптација и високотехнолошкиот извоз, но дека недостигаат поконзистентни политики, регулаторна рамка што поттикнува иновации, како и поширока култура на иновации и преземање ризик. Акцентот беше ставен и на потребата од долгорочна предвидливост во јавните политики, подобра подготвеност за реализација на стратешки проекти и поголем фокус на секторите во кои државата може да изгради конкурентска предност, особено во енергетиката, дигиталните услуги, инфраструктурата и индустриите со повисока додадена вредност. Беше нагласено и дека малите економии како Северна Македонија треба повеќе да се фокусираат на побрзата имплементација и примената на постојните технологии и бизнис-модели наместо да се обидуваат да конкурираат во создавањето целосно нови технологии – велат од Амчам.

Како дел од посетата на Стивен Езел, Амчам организираше и посебна затворена CEO тркалезна маса на тема „Конкурентност во новата иновациска економија: што може да направи Северна Македонија сега“, на која извршните директори на компании членки на Амчам дискутираа за предизвиците поврзани со растот, иновациите, инвестициите и со продуктивноста на домашната економија. Во рамките на дискусијата беше отворено и прашањето за потребата од поактивна соработка меѓу институциите, бизнис-заедницата и академската заедница во процесот на креирање политики и развој на долгорочна економска стратегија.

Дополнително, беше отворена и дискусија за пристапот до капитал, развојот на venture capital и private equity екосистемот, како и потребата од инструменти што ќе овозможат полесно финансирање на иновативните компании и на растечките бизниси.

Една од клучните пораки од двата настани беше дека е еднакво важен процесот на креирање политики како и нивната содржина. Политиките што се подготвуваат низ отворен дијалог, со навремено вклучување на институциите, бизнис-заедницата и на експертската јавност имаат поголеми шанси да бидат применливи, предвидливи и усогласени со реалните потреби на економијата и на општеството.

Од Амчам велат дека преку овие активности продолжуваат да даваат придонес кон пошироката дискусија за тоа како може Македонија да гради посовремен и покоординиран пристап кон економскиот развој – пристап во кој иновациите, инвестициите и продуктивноста се поврзани со поквалитетното креирање јавни политики, поголемата регулаторна предвидливост и посилната соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.

 

ИЗДВОЕНИ