Мече старо околу три години и тешко околу 70 килограми беше спасено во месноста Чеплес, во Велешко, откако се заглавило во нелегално поставена сајла во близина на рибникот Нежилово. По интервенцијата на надлежните институции и ветеринар од скопската Зоолошка градина, животното било ослободено и вратено во природата.
Случајот го пријавило ловечкото друштво „Руен“ од Велес, а информацијата преку Македонското еколошко друштво била проследена до Државниот инспекторат за животна средина. Мечето било пронајдено на околу 1,5 километар од рибникот Нежилово.

По пријавата, на терен излегле двајца државни инспектори, во координација со СВР Велес и членовите на ловечкото друштво. Животното било успиено и прегледано од ветеринар, по што сајлата била отстранета, а мечето било пуштено во шумата.
Според информациите од Државниот инспекторат за животна средина, станува збор за машко мече старо околу три години, кај кое не биле забележани видливи повреди предизвикани од примката.
За случајот бил известен и јавен обвинител од Велес. Полицијата ја одзела нелегално поставената сајла за вештачење, со цел да се утврдат сите околности и да се преземат соодветни законски мерки.












