Народната банка продолжува со унапредувањето на квалитетот, опфатот и навременоста на статистичките податоци, постигнувајќи голема усогласеност со меѓународните стандарди. Ова беше истакнато на средбата на гувернерот д-р Трајко Славески и на делегацијата на Народната банка со претставниците на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), одржана во рамките на годишните средби на ММФ и на Светската банка во Бангкок.

На средбата беше разгледана досегашната соработка, која придонесува за зајакнување на статистичките и на аналитичките капацитети на централната банка. Особено внимание им беше посветено на резултатите од големата ревизија на статистиката на платниот биланс и финансиските сметки, спроведена во 2026 година. Со неа се унапредени методологијата, споредливоста и аналитичката вредност на податоците. Беше нагласено дека Народната банка целосно ги исполнува барањата на највисокиот статистички стандард СДДС-плус, во поглед на опфатот и навременоста на објавените податоци.

Меѓу приоритетите е и дигитализацијата на статистичкото известување, вклучително и развојот на статистички склад на податоци за надворешната статистика, реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија. Спроведените анкети покажуваат зголемено задоволство кај корисниците и кај известувачите, особено во однос на квалитетот и достапноста на податоците, комуникацијата и поддршката.

Во наредниот период, Народната банка ќе се подготвува за примена на новите меѓународни статистички стандарди СНА 2025 и БПМ7, со поддршка од ММФ и на други меѓународни институции. Целта е дополнително да се унапредат транспарентноста, доверливоста и усогласеноста на статистичките податоци со меѓународните и со европските стандарди.

 

ИЗДВОЕНИ