петок, август 7, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Совршена бура“ го доведе светот на работ на ново поскапување на цените...

„Совршена бура“ го доведе светот на работ на ново поскапување на цените на храната

0

Главниот економист на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Максимо Тореро, предупреди дека војните во Иран и Украина, заедно со силниот временски феномен Ел Нињо, создаваат „совршена бура“ што може да предизвика нов глобален бран на поскапување на храната.

Според него, иако цените на храната во текот на оваа година останаа релативно стабилни, сегашната состојба најверојатно е само привремено затишје. Повисоките цени на нафтата, намалените испораки на вештачки ѓубрива од регионот на Персискиот Залив, недостигот на дизел и екстремните временски услови ги зголемуваат трошоците за земјоделско производство, што со одредено задоцнување ќе се одрази и врз цените што ги плаќаат потрошувачите.

Тореро очекува цените на основните земјоделски производи да почнат позначително да растат во наредните месеци, а до крајот на годината да следи и поскапување на храната. Според него, ефектот од повисоките цени на суровините до крајниот прехранбен производ обично се пренесува во рок од три до шест месеци, додека во текот на следната година поскапувањата би можеле да бидат уште поизразени.

Дополнителен притисок создаваат нарушувањата во снабдувањето со енергенси и суровини. Нафтата е клучна за транспортот, преработката и пакувањето на храната, а природниот гас е неопходен за производството на вештачки ѓубрива. Истовремено, оштетувањата на руската нафтено-гасна инфраструктура во војната со Украина го намалија извозот на дизел и природен гас, што дополнително ги зголемува трошоците во земјоделството.

ФАО предупредува дека проблемот е глобален, бидејќи цените на овие суровини се формираат на светските пазари. Земјоделците во многу земји веќе се соочуваат со намалена профитабилност, што влијае врз одлуките за сеење и производство.

Покрај геополитичките ризици, закана претставува и Ел Нињо, за кој се прогнозира дека ќе биде исклучително силен. Се очекува значително да ги наруши режимите на врнежи во повеќе делови од светот, што може да доведе до помали приноси и дополнителен раст на цените на храната.

Како пример се наведува Индија, каде што монсунските дождови веќе доцнат, а количината на врнежи е под просекот. Тоа би можело да ја намали производството на ориз и да влијае врз неговата цена на светскиот пазар, со последици за глобалната безбедност на храната

ИЗДВОЕНИ