| Продолжува судењето за семејното насилство со фатален крај |
Судењето за Стојанче Јовановски, обвинет за тешко семејно насилство што заврши фатално за животот на неговата жена и неговата ќерка, продолжи во Кривичниот суд со распит на сведоци. Во судницата сведочеше сосетката од зградата во која живееле несреќните Ивана и Катја. Кажа дека подолг период во зградата се слушале викање, тропање, удирање со столови, гласови од Катја.
– Една ноќ кон 2:00 часот слушнавме: „Тато, ќе ја убиеш мама!“ Малата Катја викаше, се слушаше. Излегов надвор, ама во ходникот не се слушаше ништо. Мислам дека и некои од другите комшии тогаш излегоа во ходниците. Јас лично два пати имам повикано полиција од ПС Карпош. Се качувавме заедно по катовите, да откриеме од каде се викањето и тепањето. Првиот инспектор беше коректен, запиша дека не најдовме ништо, оти ништо не се слушаше од ходник. Викањето се слушаше вертикално, во становите. Вториот полицаец кога дојде, беше многу дрзок и нервозен, тропаше по становите. Прашуваше на кој кат е, му реков дека не знам, знам дека е над мене. Тропна на неколку стана, по што ми се закани дека ќе добијам кривична за лажно пријавување – сведочеше сосетката Тања.
Сосетката го слушнала насилството пред две години, а друга, пак, ѝ кажала дека тропало девојчето по вратите и барало помош за мајка си.
Потоа во судницата сведочеше учителката на Катја, која одела во прво одделение. Кажа дека по детето доаѓале Ивана и нејзината баба, Љубица, а таткото само еднаш, кога барал телефонски број од родител на друго дете со објаснување дека ја задевало Катја. Двете учителки на детето знаеле за случувањата во домот од кажувањето на бабата и го известиле училишниот психолог за тоа.
– Психологот ми даде насоки да ја следам ученичката. По некој ден, девојчињата си играа и забележав дека Катја падна на подот. Ги прашав дали играат некоја игра или прават драматизација на некоја приказна. Катја рече дека кога татко ѝ ја удирал мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш ја известив психологинката и таа разговараше со Катја. Катја ѝ рекла дека се разведени нејзините родители и дека таа е со мајка си. Психологот ја повика Ивана на разговор и ја упати каде да се обрати во случај на семејно насилство – кажа учителката на прашање на обвинителката Адела Бојчевиќ.
Имало период кога детето било среќно, сè до пред Нова година, што се поклопува со неговото враќање и враќањето на мајката во станот и стариот живот со Стојанче.
– На почетокот кога ја учевме темата „Кој сум јас, кое е моето семејство“, Катја ја црташе само мајката. Кога ја прашав зошто, рече: „Јас сум со мама“. Катја се однесуваше како и сите други деца. Не покажуваше потиштеност, не покажуваше вознемиреност или затвореност. Беше отворена со сите ученици, изгледаше среќно, другаруваше со сите и не помисливме дека се случува нешто во семејството. Нејзините цртежи секогаш беа ведри, со убави бои, лицата на луѓето и сонцето ги црташе насмеани. Така беше сѐ до пред Нова година – кажа учителката.
За кобниот 2 март кажа дека на училиште ја донела баба ѝ и биле договорени таа да ја земе, но дошла мајката, околу 13:30 часот.
– Колешката ми се јави вечерта околу 20:00 часот, вознемирена, затоа што ѝ се јавила една од родителките и ѝ рекла дека Катја и мајка ѝ се мртви. Ми рече дека ѝ се јавила Ивана околу 11:30 и ѝ рекла дека тој ден нејзината мајка ќе ја земе Катја од училиште. Но околу 13:30 Ивана била во училиштето, учениците биле надвор, на физичко. По часот, Ивана ја зела Катја. Сакам да додадам, секогаш кога ќе ја земеше мајка ѝ, Катја беше многу среќна. И тој ден двете биле среќни, се гушкале и се бацувале – рече наставничката на Катја.
Потоа сведочеше братот на Ивана, Александар Стојановски. Тој ги разјасни сите дилеми околу наследството. Семејството, вклучувајќи ја и Ивана, се договорило, по смртта на таткото, да го подели имотот подеднакво. Но, кога требало да се заврши работата на нотар, таа не доаѓала, а семејството добивало чудни пораки, сомневајќи се дека ги праќаа таа, туку дека пишува Стојанче, па така оставинската постапка била прекината.
– Ѝ реков дека треба да завршиме, да не се одолжува процесот, а во порака добив одговор дека таа преку суд ќе среди сите еднакво да ги добиеме деловите, дека не може вака и дека ќе се слушнеме преку адвокати. Дека Ивана треба да ја земе колата од татко ми. Така сфатив дека тоа го пишува некој друг, затоа што сестра ми веќе знаеше дека ќе го поделиме имотот на четири дела, дека колата ќе ја земе мајка ни, а пораките беа како некој прв пат да слуша за тоа. Ова ми дојде многу сомнително – рече Александар и откри дека дента кога требало да одат на нотар, Ивана не дошла, но му се јавил Стојанче и му се заканувал дека ќе го запали имотот на мајка им.
Братот на Ивана уверуваше во судницата дека куќата секогаш била отворена за Ивана, тој лично и финансиски ѝ помагал, а знаел и за заканите и уцените од Стојанче. Преку телефон не комуницирале, само физички, бидејќи обвинетиот ја контролирал цело време. Целосно се одвоила од семејството откако пред Нова година таа и Катја се вратиле да живеат со Стојанче.
– Кога беше фатен Стојанче со дрога, Ивана, на наше чудење, реши да се врати со Катја кај него дома. Не можевме да го разбереме тоа – рече Александар во судницата.
На прашањето од обвинителката за дарот од станот што му го препишала, сведокот кажа оти се сомнева во тоа.
– Ивана ми кажа дека се сомнева дека има направено фалсификат и оти без нејзина согласност го префрлил станот на свое име. Ивана не била на нотар. Ова го знаеше и адвокатот што го ангажираше нашиот татко. Таа рече дека има доказ и дека ќе му го даде на адвокатот, ама не се случи тоа. Рече дека има и дополнителни докази за некои активности на обвинетиот во нејзиниот телефон и дека се плаши. Ѝ реков да ги извади од телефонот, да ги стави на УСБ и да ни ги даде мене и на адвокатот, оти од тој момент сериозно се загриживме за неа – сведочеше братот на Ивана, кој кажа дека сестра му се доверила дека Стојанче им се заканува дома со пиштол.
За сведокот Мартин Саздов кажа дека многу им помогнал. Искрено се надевал дека ќе се разведе сестра му од обвинетиот.
– Како брат, почувствував потреба да го довршам тоа што го почна татко ми и се активираше барањето за развод, а Катја и Ивана да останат кај мајка ми во станот. Ивана ни кажа дека ѝ се заканувал Стојанче, дека ќе ѝ го земе станот. Ѝ побарал 30.000 евра да го исплати и да си оди. Сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив, ѝ реков дека треба полека да го решиме тоа, ама мора да бидеме сигурни дека нема да биде измамена, парите да ѝ се земат и ништо друго да не се случи – рече Александар.
Судскиот процес за случајот што ја згрози јавноста оди со брзо темпо, а Обвинителството докажува три кривични дела против обвинетиот сопруг и родител: телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство од небрежност. Експертската јавност го прашува Обвинителството каква е правната квалификација за смртта на Катја, уште повеќе по сведочењето на очевидецот дека на мобилен со камера ја видел мајката со детето в раце, на балконот.
Основниот кривичен суд преку соопштение ги повика медиумите да се воздржат од сензационализам и да се придржуваат кон етичкиот кодекс. (П. А.)












