Молдавија се повлекува од Заедницата на независни држави (ЗНД) откако парламентот на земјата гласаше за поништување на Основниот договор и Статутот на ЗНД.
Како што денес објави порталот moldovalive.md, постапката за повлекување ја покрена Министерството за надворешни работи, тврдејќи дека ЗНД не ги почитува основните вредности и принципи на заедницата.
Кишинау ја обвини Русија за кршење на прописите што бараат од членовите на ЗНД да го почитуваат територијалниот интегритет и неповредливоста на постојните граници, наведувајќи ги војните на Русија во Молдавија, Грузија и Украина како примери.
Прес-службата на молдавскиот парламент во соопштението изјави дека откажувањето на договорот за ЗНД е природно и неизбежно, со оглед на целта на Молдавија да стане членка на ЕУ.
Основниот договор за ЗНД и неговиот протокол беа потпишани во декември 1991 година од 11 поранешни советски републики, вклучувајќи ја и Молдавија.
„Со тоа се формализираше распадот на СССР и создавањето на ЗНД. Статутот на ЗНД, потпишан во 1993 година, ги утврдува основните принципи врз кои е основана Заедницата“, се вели во соопштението на молдавскиот парламент.
Властите во Кишињев изјавија дека напуштањето на ЗНД би значело заштеда во државниот буџет од околу 3,1 милиони леи (1 евро е 20,26 молдавски леи) годишно, што е годишниот придонес на Молдавија во ЗНД.
Тие додадоа дека Молдавија ќе ги одржува односите со своите членови на билатерално и мултилатерално ниво и ќе остане страна во неколку договори, особено во економскиот, трговскиот и социјалниот сектор, објави moldovalive.md.
Во меѓувреме, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Кишињев не може еднострано да одлучи кои договори да ги спроведе и дека сите членови на ЗНД мора да ги одобрат сите конечни одлуки.
Откако Русија ја нападна Украина, Молдавија почна да ги преиспитува своите договори во рамките на ЗНД и се повлече од многу.
Според претходните извештаи на парламентот, од 283 договори, Молдавија веќе откажала 71 и разгледува 60.
Патем, делегација на Европскиот парламент денес ја заврши повеќедневната посета на Молдавија за да ја процени политичката и економската состојба, како и влијанието на помошта на ЕУ за земјата кандидат.
„Она што го видов на терен потврдува дека Молдавија вложува решителни напори на својот европски пат во предизвикувачки околности“, рече Свен Миксер, известувач на Комитетот за надворешни работи на Парламентот за Молдавија, објави Парламентот.
Миксер ја повтори поддршката на Парламентот за патот на Молдавија кон ЕУ и ги повика институциите и земјите-членки на Унијата да продолжат да обезбедуваат силна политичка, финансиска и техничка помош за Молдавија, вклучително и преку инструменти за подобрување на економскиот раст, отпорноста и спроведувањето на реформите, пренесе „Бета“.












