Ли Хуифанг е прогласена за виновна за производство и продажба на токсична и штетна храна, а петмина други вработени исто така добија затворски казни.
Сопственичка на градинка во кинеската провинција Гансу е осудена на доживотен затвор поради труење на повеќе од 200 деца и вработени со храна контаминирана со олово; петмина други вработени, исто така, добија затворски казни.
Ли Хуифанг, која раководела со градинката „Хеши Пеисин“ во градот Тианшуи, е прогласена за виновна за производство и продажба на токсична и штетна храна. Судот во Ланжу, исто така, нареди одземање на нејзиниот имот во вредност од 500.000 јуани (приближно 66.500 евра), објави државниот медиум CCTV.
Извршниот директор на градинката, Џи Џинглин, е осуден на 15 години затвор и парична казна од 300.000 јуани – околу 40.000 евра. Четворица вработени во кујната добија затворски казни во траење од шест до осум години.
Според наодите на судот, вработените во кујната користеле нејадлива боја за да го подобрат изгледот на оброците и да привлечат повеќе деца во градинката, иако на производот јасно било наведено дека не е наменет за човечка исхрана.
Судот утврдил дека сопственичката и директорот на градинката им дале наредба на вработените да додаваат токсични и штетни материи во храната, која потоа им била послужена на децата и вработените.
Случајот излезе на виделина во јули 2025 година, кога кај 247 деца и вработени беше откриено невообичаено високо ниво на олово во крвта. Истрагата беше покрената откако на 235 деца им беше потребен третман за труење со олово, откако консумирале колачи на пареа со црвени урми, како и печива што содржеле колбаси и пченка.
Анализите покажаа дека колачите содржеле 1.052 милиграми олово по килограм, додека печивата содржеле 1.340 милиграми по килограм. Во Кина, националната дозволена граница за присуство на олово во храната изнесува 0,5 милиграми по килограм. Ова значи дека измерените концентрации биле повеќе од 2.000 пати повисоки од дозволената граница.
Истрагата подоцна откри дека десетици локални функционери и вработени во болница се обиделе да го прикријат инцидентот – меѓу другото, преку манипулирање со резултатите од крвните анализи и примање поткуп од еден од инвеститорите во градинката.
Светската здравствена организација предупредува дека труењето со олово е особено опасно за малите деца, бидејќи може да предизвика сериозни оштетувања на мозокот и на централниот нервен систем. По овој инцидент, Кина воведе национални насоки за исхрана во образовните установи. Новите мерки вклучуваат задолжително тестирање на секоја нова пратка храна, како и набавка на брашно, ориз и масло за јадење исклучиво преку централизирани центри за набавк, пренесе „Танјуг“.












