недела, октомври 18, 2026
Дома КУЛТУРА Концерт на Бранко Павловски, на кларинет и Наташа Трбојевиќ, на пијано на...

Концерт на Бранко Павловски, на кларинет и Наташа Трбојевиќ, на пијано на „Златна лира“

1
Во вторник, 20 октомври, во 20 часот, во Музеј на македонската борба, на третата фестивалска вечер на „Златна лира“ ќе настапат кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ со програма од Мангани, Бургмилер, Видор, Перминов, Казак и Цанев.

Бранко Павловски е македонски кларинетист со богата меѓународна кариера и углед на концертната сцена. Музичката критика за него ќе напише: „…Експресивност во секоја нота… На концертот во Париз Павловски покажа дека е вистински виртуоз на кларинетот…“ Настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија, Албанија и Македонија. Во моментов е редовен професор на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Докторирал на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде што работел и како асистент по кларинет до 2011 година. Како промотор на современата музика, Павловски премиерно извел повеќе нови дела за кларинет, а како изведувач учествувал и во бројни аудио и видеоснимки. Во 2024 година, заедно со Трио Академико, го снимил компакт-дискот „Музика од светската класика“. Павловски е добитник на наградата „Златна лира“ за 2019 година, која Сојузот на музичките уметници на Македонија ја доделува за врвни уметнички достигнувања, Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 1997/98 година и пофалница по повод 50-годишниот јубилеј на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како признание за постигнатиот најдобар успех за време на студиите. Добитник е и на наградата „8 Октомври“ за постигнати значајни резултати во областа на културата и музичката уметност.

Наташа Трбојевиќ е македонска пијанистка и професорка, со долгогодишна концертна и педагошка дејност. Родена е во Штип, каде што го завршила средното музичко образование. Студиите ги продолжила на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирала во класата по пијано на проф. Лепша Пиперковска, а магистрирала во класата на проф. Евушка Трпкова-Елезовиќ. Добитничка е на повеќе награди на натпревари по пијано, а своето музичко образование го надградувала на семинари кај истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои Тимакин, А. Валдма, Б. Романов, Јокут Михајловиќ и Д. Трбојевиќ. Трбојевиќ настапува како солистка и камерен музичар, остварувајќи соработка со бројни истакнати изведувачи, меѓу кои Златка Митева, Бранко Павловски, Васо Ристов, Благица Поптомова, Анѓела Братиќ и Карел Дохнал. Концертира и како член на пијано-дуото Трбојевиќ – Настовски, со настапи во земјата и во странство. Наташа Трбојевиќ е член на камерниот состав Трио Академико, со кој остварува богата концертна дејност во земјата и во странство. Настапувала на бројни реномирани фестивали и културни манифестации во Македонија. За својата уметничка дејност е добитничка на државната награда „Георги Божиков“, а воедно е и почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“. 

Влезот е слободен.

ИЗДВОЕНИ