Кога ќе се споредат платите во земјите од Западен Балкан, разликата веднаш паѓа во очи. Бројките покажуваат дека платите растат речиси насекаде во регионот, но растојанието меѓу државите и понатаму е големо.
На врвот од оваа споредба е Словенија. Според последните достапни податоци, просечната нето-плата таму во мај 2026 година изнесувала 1.681 евро, додека бруто-платата била 2.682 евра. Хрватска е веднаш зад Словенија. Во јули 2026 година просечната нето-плата во Хрватска изнесувала 1.540 евра, а бруто-платата 2.164 евра. И тука, сепак, просекот не значи дека сите земаат толку. Во Хрватска половина од вработените имале плата до 1.346 евра. Следува Романија, каде што просечната нето-плата е над 1.100 евра,
Во Црна Гора и Србија просечните плати се нешто над 1.000 евра. Во Црна Гора, според најновиот податок за август 2026 година, просечната нето-плата е 1.040 евра. Во Србија, пак, јулската просечна нето-плата изнесувала околу 1.035 евра, а пак, половина од вработените во Србија земале до околу 810 евра.
Интересна е и споредбата со Босна и Херцеговина. Таму просечната нето-плата е околу 870 евра, што е нешто повеќе од македонската која во јули годинава беше под 800 евра месечно што е, сепак раст од 7,1 проценти во однос на истиот месец лани. Значи, просекот расте, но кога ќе се стави рамо до рамо со платите во Словенија, Хрватска, Романија, Србија и Црна Гора, јасно се гледа дека македонските плати сè уште се на пониско ниво.
Кај Албанија и Бугарија сликата мора да се чита повнимателно, бидејќи нивните најнови објавени податоци се за бруто-плати. Во Албанија просечната бруто-плата во вториот квартал од 2026 година изнесувала 92.150 леки, а во Бугарија просечната бруто-плата во вториот квартал била 1.444 евра, со 1.421 евро во јуни. кај Грција споредбата треба да се прави со резерва поради различниот период и методологија, па оттуку не може да се каже споредбен податок колку е висината на просечната плата кај нашиот јужен сосед.
Како и да е, мора да се има во предвид не само колкава е платата на хартија, туку што може да се купи со неа. Затоа што, 1.500 евра во една земја не мора да значат исто што и 1.500 евра во друга. Цените на становите, кириите, храната, сметките, горивото и услугите се различни, па и животниот стандард не може да се мери само со една бројка од платниот список.
(С.Бл.)












