недела, октомври 18, 2026
Дома МАГАЗИН Следниот викенд следува промена: Нема зимско сметање во седум земји, Европа сè...

Следниот викенд следува промена: Нема зимско сметање во седум земји, Европа сè уште на два ума

0

Додека поголемиот дел од континентот на 25 октомври ќе ги врати стрелките еден час наназад, глобалниот тренд покажува масовно напуштање на оваа практика поради здравствени причини и застарени економски митови

Во поголемиот дел од европските земји, зимското сметање на времето годинава почнува ноќта меѓу сабота, 24 октомври, и неделa, 25 октомври. Промената ќе се случи во текот на ноќта, при што во земјите од Централна Европа часовниците автоматски или рачно ќе се поместат еден час наназад, односно од 3:00 на 2:00 часот. Во земјите што се наоѓаат во источноевропската временска зона, тие ќе се вратат од 4:00 на 3:00 часот.

Оваа сезонска измена ќе опфати вкупно 43 европски држави, вклучувајќи ги членките на Европската Унија и балканските нации како Србија и Македонија.

Меѓутоа, додека поголемиот дел од Европа продолжува со овој двократен годишен ритуал, голем број земји во светот веќе целосно се откажаа од практиката и одлучија да задржат едно конзистентно време во текот на целата година.

На европскиот континент, седум земји оваа есен нема да ги приспособат своите часовници. Исланд, Белорусија, Русија, Турција, Грузија, Ерменија и Азербејџан одамна го имаат замрзнато сезонското префрлање. Турција, на пример, комплетно престана со сезонското менување на времето во 2016 година.

Практиката на задржување стандардно време е уште пораспространета надвор од Европа, особено во земјите близу екваторот, каде што минимално варира должината на денот во текот на годината.

Во Европската Унија, дебатата за укинување на сезонското менување на времето трае со години, но токму оваа есен таа повторно добива на интензитет. Група од дури 67 европратеници иницираа нов притисок врз Советот на ЕУ за, конечно, да се донесе одлука, поддржани од земји како Литванија. Европската комисија уште во 2018 година спроведе масовни јавни консултации на кои учествуваа околу 4,6 милиони луѓе, при што огромни 84 отсто од учесниците се изјаснија за укинување на практиката. Европскиот парламент ја поддржа оваа иницијатива во март 2019 година, со предлог секоја држава сама да избере дали трајно ќе го задржи летното или стандардното време.

Главните аргументи за итно напуштање на оваа практика денес се примарно здравствени. Медицинските истражувања јасно покажуваат дека укинувањето на сезонското менување го елиминира нарушувањето на циркадијалниот ритам, ги спречува социјалниот џет-лег (хроничен замор) и сериозното губење сон кај популацијата, а воедно ја подобрува безбедноста на патиштата во утринските часови. Дополнително, научниците и економистите докажаа дека првобитните оправдувања за воведување на системот, како што се заштедата на електрична енергија и дополнителната вечерна светлина, денес се целосно застарени и немаат реална економска корист. Сепак, крајната одлука во ЕУ останува закочена поради стравот на земјите членки дека без прецизен координативен план, би можело да дојде до хаотична временска разлика меѓу соседните држави, што сериозно би ги попречило транспортирањето и секојдневното деловно работење.

 

ИЗДВОЕНИ