Жестината со која се појавуваат пожарите на отворен простор не се намалува. Според информациите на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, речиси сите се предизвикани од човек.
– Најголемиот дел од нив се предизвикани ненамерно, од небрежност, но одреден број пожари се намерно предизвикани, односно со умисла – нагласи тој.
Притоа додаде дека сите институции работат на откривање на сторителите и апелираше граѓаните да го пријават секое сомнително однесување.
– Особено жителите кои се наоѓаат во подножјето на планината Китка, после Драчево, на територијата на општина Студеничани, бидејќи имаме индиции дека токму тука, одредена група намерно повторно го распалува пожарот што упорно се обидуваме да го изгаснеме – наведе Ангелов.
На овој пожар, како што кажа тој, дејствуваат со „ер-тракторите“ на ДЗС, како и со полицискиот хеликоптер. Според него, на неколку правци бил постигнат значаен напредок и не е загрозено ниту едно село што се наоѓа околу линијата на пожарот.
Воедно, нагласи дека големиот пожар што избувна во атарот на селото Долно и Горно Чичево, пожарникарите успеале целосно да го изгаснат. Но, како што кажа, сè уште е активен пожарот на депонијата во Кавадарци, каде што на самото место се пожарникарите и два бетери на Дирекцијата, кои помагаат доколку има потреба, во ладење на депонијата.
Во текот на денешниот ден, до 13:00 часот, на територијата на државата биле регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, три се под контрола, а шест се изгаснати.
Од Центарот за управување со кризи велат дека сè уште се активни пожарите во селата Моране, Вртекица и Рамни Габер и кракот кон селото Палиград, како и над селото Вражале, во општините Студеничани и Зелениково, каде што гори мешана шума, потоа во селото Трново – Општина Гостивар, кој се шири кон селата Битово, Заград и Страјане – Општина Македонски Брод, каде што горат нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Исто така, активен е и пожарот во селото Манастирец – Општина Росоман, каде што горат лозови и овошни насади, во селото Тисовица – Општина Зелениково, каде што горат мешана шума и ниска вегетација, како и над селото Нежилово, во местото викано Сватови – Општина Чашка, каде што горат ниска вегетација и смреки.
Под контрола се пожарите во селото Тајмиште, во местото викано Дарда – Општина Кичево, каде што гори високостеблеста букова шума, потоа градската депонија „Мелци“ во Општина Кавадарци, каде што гори ѓубре, како и депонијата во Општина Делчево, каде исто така гори ѓубре.
За пожарот на депонијата во Кавадарци, кој е ставен под контрола, градоначалникот, Митко Јанчев истакна дека станува збор за пожар кој, според сознанија што ги имаат и начинот на неговото избивање, постојат сериозни индиции дека е подметнат.
–Ова не е само напад врз депонијата – ова е напад врз градот, граѓаните и животната средина – одлучен е Јанчев.
Тој нагласи дека надлежните институции мора да го истражат случајот до крај.
– Оние што намерно ги загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните мора да одговараат – нагласи кавадаречкиот градоначалник.
Изгаснати, пак, се пожарите во селото Желино – Општина Желино, во селото Одри – Општина Теарце, потоа, помеѓу резерватот „Јасен“ и селото Брезница – Општина Македонски Брод, во селото Зајас – Општина Кичево, во селото Ветрен – Општина Делчево, како и во селото Виничани – Општина Градско.
(А. П.)












