понеделник, октомври 19, 2026
Дома СВЕТ За Украина ќе се одлучува без Украинците – Путин ги кани Трамп...

За Украина ќе се одлучува без Украинците – Путин ги кани Трамп и Шји на разговори, Зеленски и ЕУ-лидерите остануваат дома

1
EPA/YURI KOCHETKOV

Рускиот претседател, Владимир Путин, предложи да се сретне со американскиот претседател, Доналд Трамп, и со кинескиот лидер, Шји Џинпинг, следниот месец за да преговараат за крај на војната во Украина под услови што би ѝ користеле на Москва, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на информирани извори.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, нема да биде на таа средба, што го зголемува стравот дека лидерите на САД, Русија и на Кина би можеле да одлучат за иднината на Украина без Украинците. Без место на масата би останале и европските лидери.
Кремљ предложи да се одржат трипартитните разговори заедно со самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), закажан за 18 и 19 ноември, во Шенжен.

Според поранешен руски разузнавачки службеник запознаен со случајот, Путин ја споменал идејата во телефонски разговор со Трамп на 9 октомври, кога се договориле и за договорот за дизелот што треба да им го испорачува Русија на САД за потоа да се продава на светскиот пазар.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди за „Волстрит џурнал“ дека се дискутира за можна средба, додека висок американски функционер рече дека Трамп не се согласил на самитот. Функционерот додаде дека Трамп, можеби, сè уште е отворен за идејата. Самитот не е најавен и не е јасно дали ќе го прифати Трамп предлогот или ќе инсистира Украина да учествува во преговорите за сопствената иднина

Предлогот доаѓа во време на затоплување на односите меѓу Вашингтон и Москва. Покрај договорот за дизелот, Трамп во петокот потпиша извршна наредба со која се укинуваат клучните санкции против Русија. Тој ја бранеше својата одлука во неделата, предупредувајќи дека новите санкции би можеле да го оддалечат Путин од мировните разговори.

Она што би го побарала Москва на маса во Шенжен не е тајна. Во телефонски разговор со Трамп минатата недела, Путин побара од Киев да ја предаде целосната контрола врз Донецк, како услов за крај на војната, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на двајца високи функционери.

Се чека одговор од Путин дали ќе дојде на самиот на Г20 во Мајами

Сè уште не е донесена одлука дали рускиот претседател, Владимир Путин, лично ќе присуствува на самитот на Г20 во Мајами, во декември, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Државниот секретар, Марко Рубио, во септември изјави дека американската администрација го поканила Владимир Путин да учествува на самитот на Г20 во Мајами, на 14 и 15 декември. Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека би „бил среќен“ да го види Путин на самитот.

 

ИЗДВОЕНИ